КАТАТА ЗА МЕДАЛ ИМА ДУША

Зенит ја избра каратистката Пулексенија Јованоска за најдобар спортист за 2014

Pehar za triumfite - Puleksenija JovanoskaТаму се пронајдов со концентрација, стабилност и техника -вели Јованоска

Според квалитетот измерен со медали од големите натпреварувања недостижно стана каратето и сосема очекувано, како лани, пехарот од Зенит за најдобар спортист и за 2014 година е кај членка на Карате клубот Ронин, Пулексенија Јованоска. Доволно е да се спомнат најзначајните постигнувања: заедно со Маријана и Мишела Димоски во националниот ката тим освои злато на Балканско, сребро на Медитеранско, бронза на Светска Премиер лига, бронза на Европско јуниорско, злато на Балканско јуниорско, сребро од Светско студентско, а поединечно во ката има бронза од Европско и од Светски куп.

– Печат е Европското во Лисабон. Влегов во топ форма од претходната година и убедливо по 5-0 совладав Гркинка и Французинка, а по минималниот пораз 2-3 од Турчинка, за медал се борев со Германка. Со тренерите Бети и Златко Димоски избравме ката “ананд” со техника, сила и брзина. Германија е велесила, но јас го направив своето, судиите оценија 5-0 и го зедов најдрагиот медал – вели Јованоска.

Настапува само во кати, омилена дисциплина од детските денови. Почнала на шест години, гледајќи го брат í на тренинзите. Не ја привлекувале “женските” спортови гимнастика, одбојка или ракомет, ниту пинг – понгот, каде пробала само еден ден по препорака на татко í, некогашен мајстор со топчето. Зошто ката, а не борба е постојана дилема меѓу каратистките. Можеби затоа што ударите во борба изгледале страшно за малото девојче. Од друга страна, привлекува катата уште при првото полагање појас и секое наредно е мерило до каде е усовршувањето во овој спорт. Определбата за ката или борба е специјализација за едната или другата дисциплина, оти успех во двете заедно не е можен.

Kata majstor - Jovanoska– Произлезе дека сум на вистинскиот пат. Се посветив, одам напред и нема потреба од премин во борби, што е враќање назад. Се пронајдов во катата каде се бара концентрација, стабилност, техника. Катата има душа – смета Јованоска.

Студентката на трета година Економски го распределила времето за учење и спортување, а сепак кон каратето натежнува посветеноста. Годинава ја очекува Балканското во Србија, Европското во Турција и Европската олимпијада во Азербејџан. Извесни се нови медали, бидејќи чувствува дека е во зенитот, највисоко.

– Признанијата, како од Зенит, мотивираат и треба да се оправдаат. Ова е почеток на најубавото во кариерата,  во која претстои продолжение – порачува Пулексенија Јованоска.

Loading