ГРАФИКИ ОД КОЛОНИЈАТА МАКЕДОНСКИ БРОД

Во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”

Изложба од 27 графики од меѓународната ликовна графичка колонија – Македонски брод ќе биде отворена вечерва од 19 часот во галеријата од ЦК “Марко Цепенков”. На изложбата ќе бидат претставени делата од 11 уметници од земјата и странство кои учествуваа на минатата графичка колонија, меѓу кои и прилепските творци Александар Џинго, Верче Николоска и Билјана Бинчев.

Според Александар Џинго куќата покрај двориштето на пештерата во Пешна, ги собира уметниците на овој современ свет во закрилата на графичката ликовна колонија каде што кругот на создавање на уметноста живее и не е затворен.

– Се оттргнувавме од јароста и суровата стихија на секојдневието. Се препуштавме на светот на уметноста. Пешна издишува сила и ги полни со енергија душите на уметниците. Целиот креативен и естетски набој се преточува во создавање на неповторливи графички листови. Уметниците создаваа симболична порака на вечноста во специфична атмосфера, погодна за лично обликување на ликовниот простор. Во композициското решение, секој даде неприкосновена оригиналност по сопствената естетско визуелна природа, произлезена од универзалноста на реалниот мотив кој го нуди пределот – истакнува Џинго.

Loading