Тенис
Сон на многумина е печалба во странство, но ретко кој успева во својата област да достигне ниво за да биде конкурентен на тој пазар. Младиот прилепчанец Илија Мартиноски (26), од дете навикнат на преселби. Последниве години работи како професионален тренер во Тенис парк академијата во Германија, чиј сопственик е Русинот Сергеј Самсоненко, кај нас познат како главен спонзор на фудбалскиот, женскиот и машкиот ракометен клуб Вардар.
– Кариерата како тенисер ја завршив на 20 години, кога решив да студирам на Универзитетот во Оклахома, САД. По завршувањето на студиите добив работа во Тенис парк акедемијата – вели Мартиноски.
Во биографијата со статус репрезентативец како значајни резултати се издвојуваат: финале и освоено второ место на Мастерс турнирот до 16 години во Реџо Калабрија, Италија, пласманот меѓу 32 најдобри на Јуниорскиот гренд слем Австралија опен, шампион на ИТФ турнирот во Луксембург од прва категорија. Учествуваше на јуниорските Ролан Гарос во Франција и Вимблдон во Англија. Незаборавно е полуфиналето во дубл на челенџ турнирот во Романија, исто така победата во Девис куп мечот против Латвија и полуфиналето на ИТФ фјучерс турнирот во Нови Сад. Богата играчка кариера, а извесно дека претстои успешна на тренерски план.
– Планирам да останам во Германија и да го пренесувам искуството на играчите. Сакам да се докажам како добар тренер – истакнува Мартиноски.
Со гордост потсетува дека кариерата ја почна во ТК Престиж кај Златко Палилулески и ТК Маркови Кули кај Игор Тодороски.
![]()

