ЌЕ СЕ ИГРА ПЛЕН

Во театарот се подготвува нова претстава

Prva rezija vo nasiot teatar- Jugoslav KocovskiПрвата претстава годинава која ја создава дел од ансамблот на театарот е Плен од Џо Ортон. Ја режира младиот режисер Југослав Кочовски, кој потенцира дека во својата прекратка кариера која трае нецели три години, Ортон постигнал многу повеќе, отколку автори чиј творечки век траел повеќе децении. Заради тоа се одлучил текстот да го постави на театарската сцена.

– Тоа го потврдува и придавката “ортонескно”, која во неговата родна земја се употребува за темно и фарсично дело кое не само што шокира и вчудоневидува, но истовремено е и забавно. Имајќи ја “несреќата” да се роди во поствоена Англија, во пуританско општество на двојни стандарди и огромна нетрпеливост кон луѓето со поинакви размислувања и сексуална ориентација, искусувајќи го општеството на свој грб и одлежувајќи шест месеци затвор за “криминал”, кој во денешно време не би бил оквалификуван како лоша шега (осакатување на преку 70 книги од јавна библиотека – денес доста ценети примероци изложени и дури гордост на таа библиотека), тој, преку своите драмски текстови ги прикажува тие луѓе  и нивниот квази морал, илустрирајќи ги преку еден специфичен црн хумор на границата на гротесктното. Плен е најсилното и најуспешното негово дело. Преку една пародија на тогаш премногу популарната во Англија, детективска фикција, Ортон ја истакнува искривеноста на оној квази морал во кој тогаш тој живеел, а денес можеби уште повеќе од тогаш го среќаваме. Борбата за пари не е средство, туку цел сама по себе, лошото семејно воспитување и недостатокот на комуникација во семејството, религијата, односно привидната духовност и набожност, корумпираноста на полицијата, се само неколку теми кои ќе бидат допрени во оваа претстава и преку нив се илустрираат едни ликови на кои ништо не им е свето, за кои само парите имаат вредност и секогаш се крајна цел. Присуството на смртта околу нив не им значи ништо, дури и се претвора во уште еден алат за постигнување на крајната цел – пари. Или како што на еден наивен отклик на “најчесниот” од сите ликови кој тврди дека тој не сака своите чувства да ги мери во одреден процент од пленот, еден друг лик му одговара – “Е, па ако си чесен човек, тогаш крајно време е да свртиш нов лист…” – раскажува  Кочовски.

Според него како и во секоја добра црна комедија, преку карактерните недостатоци на ликовите на кои публиката се смее треба да ги распознаеме сопствените карактерни недостатоци и можеби и да се замислиме врз нив.

Сценографијата и костимите ќе ги работи Бојан Маневски, музиката ќе биде по избор, додека во претставата ќе играат Марјан Чакмакоски, Јасмина М. Станкоска, Александар Тодески, Димитар Црцороски и Михајло Миленкоски.

Кочовски првпат соработува со нашиот театар. Образованието го оформува на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Режирал претстави за Младинското драмско студио при ЦК “Марко Цепенков” (Чернодрински се враќа дома), за драмското студио на татарот (Ромео и Јулија), во драмскиот театар во Ќустендил (Подземни галеби), во НТ од Битола (Многу врева за ништо од Шекспир). 

Loading