ХОМОСЕКСУАЛНОСТА ПОСТОЕЛА ОД “ВАЈКАДА”

ivce1Постојат нови зборови кои ги нема во речниците. Не можеле речниците да навасаат. Тие готови, а зборовите се изнародувале отпосле. Постојат нови зборови како наши неологизми, а постојат и странски зборови кои се борат да добијат наше “државјанство”. Некои успеваат, некои се приспособуваат на нашите јазични норми, а некои остануваат туѓи.

Сегашново време на компјутеризација наметнува нови зборови, кои помалку или повеќе, си обезбедуваат место во нашиот јазик. Рековме дека некои се приспособуваат, а некои влегуваат, без пречка, такви какви што се. Таков е зборот ЛАПТОП. Ништо не пречи да биде прифатен таков како што е без никакво поддотерување. Но, тука се прават и грешки. Мнозина имаат чувство дека тој е составен од два збора – ЛАП-ТОП. Можеби поради тоа што именката ТОП е мошне позната и употребувана. Слушнавме од новинарка дека била извршена кражба. Дека биле украдени толку и толку компјутери и толку и толку ЛАПТОПОВИ (лап-топови). Погрешно. ЛАПТОП е еден збор и со ништо не се создава проблем ако си влезе во нашиот јазик. Тој може и да се членува како секоја наша именка од машки род – ЛАПТОПОТ. Множинската форма е ЛАПТОПИ, а не ЛАПТОПОВИ. Меѓу другото, да споменеме дека во Речникот на Зозе Мургоски (бидејќи е понов) одбележана е именката ЛАПТОП со множинската форма ЛАПТОПИ.

Во најпоследно време гледаме дека еден друг збор се мачи да си зафати место со едно друго, поинакво значење. Но, не ќе да може. Слушаме дека ќе се гради пругата кон Бугарија, ќе се гради автопатот кон Гевгелија, а ќе се граделе и неколку ЕКСПРЕСНИ патишта – Штип – Кочани, Охрид – Пештани и Градско – Прилеп. Овдека нешто не е во ред. ЕКСПРЕСНО значи брзо. ЕКСПРЕСЕН воз е воз кој се движи побрзо од редовните возови. ЕКСПРЕСНА пошта е онаа која треба да стигне најбрзо што може. Патиштата што ќе се градат не може да бидат ЕКСПРЕСНИ. Како што не е ЕКСПРЕСНА пругата, туку ЕКСПРЕСЕН е возот. Можеби ќе биде ЕКСПРЕСНА (брза) изградбата на патиштата. Веројатно тоа се мислело да се каже. Тие патишта ќе се градат ЕКСПРЕСНО, но тоа не значи дека тие ќе бидат ЕКСПРЕСНИ. ЕКСПРЕСНО ќе возат возачите на нив. Ете како зема замав една евидентна грешка. Прво ја чувме од политичарите, па од новинарите и најпосле ја прочитавме и во весник.       

Контактните емисии се доста застапени на нашите телевизиски програми. Се јавуваат луѓето. Слушаме разни искажувања на определена тема и за определени проблеми. Слушаме сé и сешто. И убави размислувања и убави предлози и гневни искажувања и што ли не. Треба да се признае, понекогаш слушаме и глупости. Слушаме и многу, премногу јазични грешки. Неодамна, тема за разговор беше хомосексуалноста. Се зборуваше за протестите на хомосексуалците, за нивниот третман во општественото живеење и така натаму. Искажувањата – најразлични. Се јавува една госпоѓа. Се искажува со одбрани зборови. Сака да остави впечаток на човек кој донесува заклучоци, откако добро ќе размисли. Во еден момент вели: “Хомосексуалството постоело уште од вајкада”. Констатацијата и е точна, но каде го најде зборот ВАЈКАДА? Зар малку ќе беше ако речеше дека тоа постоело ОТСЕКОГАШ или уште поточно, уште попрецизно – постоело од ПАМТИВЕК. Но, ете! Желбата да се остави впечаток на културен човек, ја натера госпоѓата “културно” да се изрази. Така е тоа, од “ВАЈКАДА”.

Следиме фудбалски натпревар помеѓу “Вардар” и “Работнички”. Дерби на колото. Бодовите мошне важни за двете екипи. Коментаторот го пренесува мислењето, бомбардира со статистички податоци, кој кога изгубил и кога победил. Колку голови биле постигнати и така натаму. За моменталната игра вели дека не била на некое високо ниво, зашто ѕвезда ВОДИЛЈА била значењето на натпреварот. Во брзината, заборави да го преведе зборот на македонски, па да рече ВОДИЛКА, на место ВОДИЛЈА.

Ех, кога на нашите новинари “ЅВЕЗДА ВОДИЛЈА” би им бил чистиот јазик.

Благоја Ивчески

Loading