ШАРМОТ НА ПАБОТ

Ирски паб

Biserko Trklja - rabotam naporno za mojata familija1Бисерко Тркља, познат како сопственик на билјард клубот Инсомниа од неодамна го претвори клубот во ирски паб – „The Gallery House”. Идејата ја носел одамна, оти бил менаџер во сличен паб во Грција. Со шестмесечна макотрпна и интензивни подготовки на ентериер, на амбиент, на изглед, персонал, речиси два месеци го остварува својот сон. Со доловен шарм на паб – атмосфера со дрвенарија која потсетува токму на класика, клубот е пријатно место за муабетење и минување незаборавни викенди на рок свирки покрај богат избор на пива, шотови, коктели.

– Требаше да најдам погоден објект, инвестиција, а не беше лесно да се направи сето од дрво за да ја доловам автентичноста. Потребно беше време да го остварам замисленото. Не сакав помал клуб, импровизација. Инсомниа работеше супер, не се жалам, само што клиентелата беше сосема друга, 80 отсто беа деца од 16-17 години. Пабов е место за генерации од 25-40 години, па и до 50 години, да испиеш шотови, кафенце, пивце, некој коктел, и едноставно да се забавуваш. Тој е за луѓето да се чувствуваат пријатно. Но, најдобро ќе кажат гостите – вели Бисерко, кој веќе 20 години е во Прилеп, вложувајќи многу во бутици, во кафетерии.

Од мали нозе е во угостителството. Зад себе има долгогодишно искуство во странство. Во крвта му е овој бизнис, оти и татко му 35 години бил директор на хотели. Во двегодишниот син не гледа наследник, оти не сака и тој да се мачи како него.

– Напорна е. Има преку 100-150 обврски ситни до набавки, хигиена, навреме послужено, сé да се памти, за да успее бизнисот.Тоа бара присутност минимум 15 саати, одрекување, жртвувања, па ако фамилијата 100 процентно не стои зад тебе, нема шанса за успех – ги открива марифетите за бизнис Бисерко.

Како вљубеник во билјардот, никогаш не се откажува од страста. Од стариот клуб задржал два билјарда во пабот, не скусувајќи им го задоволството на посетителите налик него, повторно да уживаат во по некоја партија билјард, во малку поинаква атмосфера.

Со искрено и чесно работење, го развива бизнисот, во кој доминира пријателски однос кон гостите. Се доживува далеку од газда, туку како вработен. Преку 15 саати “кисни” во пабот, организира бендови, договора настапи, се грижи да ги смести посетителите, да се чувствуваат комфорно. Без срам често ги служи, што дава уште поголем филинг на домашна атмосфера. Во четврток, сабота и недела организира рок свирки, а во петок рок диџеј. Уште кога го подготвувал објектот, како ситничар, внимавал на сé. Бендовите свират по негова плеј листа, односно потпирајќи се на неговото претходно искуство како диџеј со сенс за музика – 70 отсто од изборот на песните е негов, а 30 е по избор на бендот.

– Просторот е 400 квадрати, со капацитет за 200 гости со седење, односно 400 души за да биде “фул”. Ако бидат малку гости, изгледа тотално празен. Каков сакаш направи го, ако нема луѓе, нема живост… Во ваквите пабови во светот не се служи кафе, чај скраја да е, нескафе поготово. Овде ќе беше премногу сé да сменев за менталитетот на овдешните луѓе, на културата, начин на живеење… Веќе со музикава е премногу, оти од другари кои не слушат рок, почнаа сами дома да си пуштаат ваква музика… Тоа за мене е погодок, оти сум успеал да им ја доближам оваа музика – додава Бисерко истакнувајќи дека целта на негов избор на песни не е оти листата на песни од бендовите не чини, туку сакал на гостите да му ја доближи рок музиката со комерцијалата.

Името на ирскиот паб најдобро опишува што се случува во клубот. Паб за забава, со табли со написи со креативни мисли, а наскоро во “дотерувањето” ќе бидат изложени и слики од познати прилепски уметници, што дополнително ќе го оправда името.

Седи, пиј и уживај! Изгледа навистина му “фалеше” ваков клуб на градов.

Loading