ПЛАТА ЗА ЛАНИ

Вработените во Еурокомпозит бараат

Исплата на платата за ноември и решавање на иднината на загубарот 11 Октомври – Еурокопозит бараат околу 300 работници. Освен плата, бараат и подмирување на  здравственото осигурување и Владата да најде решение за загубарот кој е сто отсто во државна сопственост.

– Секој вработен во просек има од 1.500 до 2.000 евра побарувања. Не можеме да добиеме минимална нето-плата. Веројатно ќе треба да тужиме. Вака не може повеќе. Владата да помогне со намалување на бројот на вработените со обезбедување социјален пакет и да се обезбеди работа за останатите. Секогаш кога нема плата, прекинуваме со работа. И така до недоглед. Ни треба вистинско решение – вели Трајче Стојаноски, претседател на синдикатот.

Според заменик директорот на 11 Октомври – Еурокомпозит, Никола Лучески, проблемот е во ненавремето плаќање од деловните партнери.

– Побаруваме над 300 илјади евра. Има пари за плата, но приливите пред Божик не пристигнаа. Кога ќе легнат парите, ќе се решат платите. Потежок проблем е здравственото осигурување. Ќе бидат потребни соодветни мерки – вели Лучески.

Од гранковиот синдикат на металци, енергетичари и рудари бараат средба со премиерот Никола Груевски.

– Очекуваме средба и позитивни поместувања. Вработените во  фабриката немаат никаков статус. Се водат како да се во работен однос, а не примаат плата, ниту им се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Полоша ситуација нема ниту еден граѓанин – вели Пецо Ристевски, претседател на СМЕР.

Пред Нова година, вработените од Еурокопозит, заедно со ЕМО беа на протест во Скопје. 

Loading