ФУДБАЛСКИ ВОЛШЕБНИК

Спортски времеплов

ДИМЧЕ МОСКОСКИ – МАЛАКОТ

(1915 – 2ОО2)

Dimitar Moskoski - MalakotДа се пишува за прилепскиот фудбал, а да не се подвлече името на Димче Москоски – Малакот, некогашната фудбалска ѕвезда на прилепското поднебје е неможно, зошто тој во дведецениското другарување со кожената “буба-мара” во дресот на ФК Југославија, пред Втората светска војна, во ФК Македонија, за време на окупацијата и во ФК Гоце Делчев и ФК Победа, по ослободувањето, и многу подолго во улога на стручен советник во клубот, ставил силен  и неизбришлив печат, дел е од историјата на овдешниот фудбал.

Дебитирал на средбата меѓу прилепска Југославија и ССК од Скопје во 1931 година, со неполни 16 години и тогаш го добил и прекарот “Малак”. Во првиот дел гостите повеле со 3:0, а тој бил во улога на халф. Некој постар играч му свикал: “Еј, “малак”, не му го знаел името, оди во нападот…”. Го послушал, и постигнал три гола и хет-трик, домаќините славеле со 6:3.

Малакот бил најкомплетниот фудбалер на прилепскиот фудбал пред ослободувањето.        Вистински доктор за фудбалот, мозок на екипата и виртоуз со топката. Во најкритичните моменти го избирал најдоброто решение. Далеку пред англиските фудбалери, ја практикуваше дијагоналата. Бил предвесник на денешниов модерен фудбал. Подеднакво добро играл во одбраната и нападот. Ударите со глава и нога биле уживање за љубителите на фудбалот. 

Москоски во дресот на Југославија одиграл повеќе од 150 натпревари и со над 100 гола.  

Во една прилика Малакот го издиктирал најдобриот состав на Југославија од пред војната: Б. Беќароски, Костоски, М. Најчески, М. Аџемоски, Чаушески, Порјазоски, Д. Бејќароски, Ветаџокоски, Тошески, Москоски и Јованоски. За окупацијата, бугарски власти го забраниле ФК Југославија. Била формирана ФК Македонија, а вљубеникот во фудбалскиот правоаголник ја продолжил кариерата во овој клуб, за кого одиграл малку средби, заради воената состојба. Славата ја продолжил во ФК Гоце Делчев, кој се фузирал со месниот ривал “Прилеп”. Во новиот клуб го име “Победа” играл до 1952 година. По четири натпревари, ги обесил копачките на клин, но останал во стручната комисија.

Имал мислење за најдобрите фудбалери на Прилеп додека играл фудбал. Тоа биле Костоски, М. Најчески, Ристески, Порјазоски, Москоски, Буштрески, Атанасоски, Трајкоски, Цицоски, Тренкоски и Камчески.                   

Често ја спомнувале средбата со Македонија од Кочани, која како гостин во 1948 година во првото полувреме повела со 3:0. Во такви случаи соиграчите ќе му свикале: “Малак, ајде напред”, а искусниот лисец ја оправдувал довербата. Постигнал три гола, а соиграчите уште толку. Им ја наполниле мрежата на кочанчани. Победиле со 6:3.

Во 1933 година, во јужниот фудбалски куп, Југославија одиграла два натпревари со Цар Лазар од Крушевац. На првиот во Прилеп загубува со 0:1, а на реваншот со 0:2. Интересно било доживувањето во Крушевац. Патувале со малиот воз преку Градско, со возни билети добиени од тогашните “посланици” од градот. Во Крушевац стигнале претпладнето во неделата. Незнаејќи каде да се одморат, седнале во слаткарница и таму и ручале. Се распослале, извадиле шест леба и две кила сирење и го свртиле вниманието на минувачите. Дошол претседателот на домаќинот и ги одвел во кафеана, плаќајќи им го ручекот. Маките продолжиле по натпреварот. Гостинот не добил ни динар од влезниците, а, според тогашните правила, приходот се делел. Со тие пари прилепчани требало да купат возни билети за назад. Водачот на патот им предложил да се степаат со насобраните љубители на фудбалот изненадени од квалитетната игра на гостите и полицијата бесплатно да ги спроведе до Прилеп. Домаќините ги насетила и им го платиле патот. Среќно завршило патештествието на овој квалитетен, но мошне сиромашен клуб.

Малакот од ослободувањето (1945-1952) до повлекување од теренот за Гоце Делчев – Победа одиграл повеќе од 150 натпревари.

Почина на 20 јануари 2002 година. Замина легендата со која често ги следевме натпреварите на Победа. Не пропушташе да потсети дека по неговото заминување од овој свет, да не заборавам да напишам барем нешто од неговата богата фудбалска кариера и стручна работа во прилепскиот фудбал. Само би додале дека нему и му припаѓа почесното место.                                                                                                                                                                                                                                                                                                   

Драги Башески

Loading