ЈОВАН СКИЛИЦА ПРВ ГО ЗАПИШАЛ ИМЕТО НА ПРИЛЕП

Најстарите траги од животот на луѓето на просторот на Прилеп му припаѓаат на неолитскиот и бронзениот период. На овој простор се пронајдени остатоци од железниот период. Регистрирани се траги од населба од хелинистичкиот период и од раноримскиот период. Од рановизантискиот период, во 5 и 6 век, кој непосредно му претходел на доселувањето на Словените во Македонија, се пронајдени материјални остатоци на тврдината Маркови Кули. Од сите периоди на животот во Прилеп, сведочат голем број на материјални сведоштва, но не и пишани извори.

Многу писатели, хроничари, историчари, во своите истории, хроники, патеписи, песни, романи, легенди и други пишани извори и литературни дела го споменуваат Прилеп, Прилапон, Прилапи, Пирлепе, Марков град, пишуваат за градот под Марковите Кули, за градот Народен херој, за случки и личности, за уништувања и разурнувања, за војни и победи. Но, еден прв го направил тоа.

Прв, кој што пишал за “Прилапон” е византискиот хроничар Јован Скилица во своето дело “Кратка историја”. Поради тоа, неминовно се поставува прашањето, кој бил човекот кој првпат го запишал името на Прилеп или едноставно, кој бил Јован Скилица?

Тој е византиски хроничар со висока позиција во византиската администрација, човек од доверба на кого му биле отворени сите врати на државните архиви, достапни сите списи и бил упатен во сите државни тајни и настани. Роден е во Мала Азија, во првата половина на 11 век, а живеел до крајот на истиот или до почеток на 12 век. Како што и самиот наведува, живеел во времето на познатиот византиски филозоф, писател, историчар и научник, Михаил Псел (1018 – 1096 г.).

Во втората половина на 11 век го пишува своето дело “Кратка историја”, кое претставува историја на византиските цареви, а го опфаќа периодот од 811 до 1057 година. Некои ракописи завршуваат со 1078 година. Делото претставува еден вид на продолжение на “Теофановата хроника”, која го обработува периодот од 284 до 813 година. Делото го пишува врз основа на усни сведоштва, како и постари пишани извори, кои не се сочувани, што дава уште поголемо значење на неговото како единствен извор за период од околу еден век. Меѓу нив се делата на Теодор од Себастија, Лав Ѓакон, Јоанис Кириотес (Геометрес), Никифор Уран, Асохих (Асолих). Покрај овие важни извори се делата на Кекавмен, Кедрен, Јахја Антиохиски, Адемар, Титмара, Иван Ѓакон, Ибрахим Ибн Јакуб, Михајло Деволски, Иван Зонара, Поп Дукљанин и други. Некои од горенаведените, во своите дела, ги користат податоците на Јован Скилица.

Оригиналниот текст на неговата “Кратка хроника” не е сочуван, но сочувани се повеќе ракописи. Според историчарот Владимир Мошин (Петроград, 1894 – Скопје, 1987), еден таков ракопис од 12 век, го пронашол рускиот историчар и византолог Фјодор Иванович Успенски во Охрид. Но, според него, во 1916 година, бугарските власти го однеле во Бугарија. Делото на Скилица го обработил неговиот современик Георги Кедрен, а во целост на латински јазик е отпечатен од страна на Габиус во 1570 година. “Кедреновата хроника” која во целост ја содржи “историјата на Скилица” од грчки е преведена на латински од страна на францускиот свештеник, Жак Пол Миње.    

Прилеп, односно Прилапон, се споменува во “Кратка историја” во делот каде Јован Скилица ги опишува настаните и борбите меѓу византиската и самоиловата војска. Тој, особено, се осврнал на настаните пред и по битката на Беласица од јули 1014 година, кога македонскиот цар Самоил доаѓа во, тврдината Прилеп или поточно Прилапон, како што го нарекува. Според него, Прилеп му послужил на Самоил како засолниште во судбоносните денови од борбата против Византија. Уништувачкиот удар на Самоиловото царство, византискиот император Василиј Втори (976 – 1025), по долги борби, му го нанел на 29 јули 1014 година. Во врска со овој настан, Скилица пишува дека самоиловата војска била опколена во клисурите на планината Беласица, а царот го спасил неговиот син Гаврил Радомир, кој го качил на коњ и го одвел во тврдината Прилеп. Голем дел од војниците загинале, а уште поголем дел паднале во заробеништво. Својата победа царот Василиј Втори ја прославил на грозоморен начин. На 14 000заробеници им ги ископал очите, само на секој стотти му оставал по едно око, за да можат тие да ги одведат ослепените другари кај царот во Прилеп. Кога Самоил ја видел стравотната поворка доживеал мозочен удар и по кратко време умрел на 6 октомври 1014 година. Меѓу истражувачите, поделени се мислењата за местото на смртта на цар Самоил. Иако, најчесто се смета дека тоа е Прилеп, има историчари кои искажуваат мислење за Преспа, како една од престолнините на неговото царство.

Прилеп, оваа година одбележува 1000 години од првото споменување во пишан извор. По тој повод, преку разни манифестации, настани и активности се одбележува овој настан. Секако, она што ќе остане како трајна вредност за идните генерации е монографијата за Прилеп, “хроника” на едно ново време, подготвена за оваа пригода, а “зборува” за развојот на Прилеп, за историјата и црковниот живот, за занаетчиството и економијата, за здравството и науката, за културата и уметноста, за музиката и спортот, но и за многу други нешта за нашиот Прилеп.

Учесниците во изработката на оваа “хроника” станаа хроничари на своето време. Ако пред 1000 години, Јован Скилица и други хроничари, можеле да остават ракопис, дела за почит од кои дознаваме за нашите предци, тогаш, на новите генерации, во новото време на информатичко општество, не би требало да им претставува потешкотија да го запишуваме она што се случува денес, за да бидеме хроничари на нашето време. Нашите дела, некои нови генерации, ќе ги читаат и ќе учат за Прилеп, и после 1000 години, после многу години, за на век.

Рубин Белчески – историчар

Loading