Прослава на заштитникот на градот, Свети Никола
На отворено градот денеска го слави заштитникот, Свети Никола. Ќе се кренат чашите и оро ќе се завие да се одржат адетите на претците. Се негува и збогатува традицијата востановена пред девет години. Љубоморно се варди раскошот на нематеријалното наследство, пренесувано од колено на колено со столетија. Со насмевки се отвораат широко вратите во секој втор дом. Ќе зачукаат силно срцата на домаќините заеднички да се поделат желбите за здравје, бериќет, љубов, среќа на посна трпеза со минијатурни сарми, гравче и риби.
Неколку илјади прилепчани ќе се гоштеваат на празникот на улица. Домаќин е Мермерскиот комбинат. Иако компанијата е со странски капитал, менаџментот ги поддржува локалните манифестации.
– Дел сме од локалната заедница. Како општествено одговорна компанија, морална должност ни е да бидеме во дослух со градските традиции. Секогаш се вклучуваме не само во одбележување на прилепските празници, обичаи и настани. Со помош на неколку асоцијации на жени зготвивме три илјади порции сармички, грав и риби, кои ќе се залијат со два тони вино. Очекуваме песните на групата Тајфа да предизвикаат радост и да се завие оро на плоштадот – вели Јасна Аџиевска Петрушева од Мермерскиот комбинат.
Бабата Менче Пеоска објаснува дека сармите треба да бидат колку зрно гравче со седум зрна ориз.
– Ова е ритуал што ја полни душата, оти се молиме за Светецот, а тој се грижи за целата фамилија. Адетот се пренесува од генерација на генерација и никогаш нема да исчезне, оти претставува наш идентитет – вели Пеоска.
И младата мајка Марија Митевска ги негува обичаите на бабите и дедовците. Полна со добри мисли го слави семејниот празник, зашто смета дека на Денот пламнува традицијата и се негува Светецот кој бдее и е заштитник на семејството.
– Рецептите за посните јадења за Свети Никола ги совладав од мала, следејќи ја мајка ми како подготвува сарми, како го вари гравот, како внимателно се пржат рибите и како се подготвува баклава. Славиме со блиските роднини и пријатели со верба дека Светецот нé штити од неволји и ни дарува здравје – вели Митеска.
– Се прославува заштитникот на градот, оти половина град го има овој празник за семејна слава. Од востановувањето на заедничкото празнување, градот напредува, а манифестацијата стана туристичка атракција која ја посетуваат и гости од земјава. Особено се привлечни минијатурните сарми. Тие се посебен специјалитет на кој не им одолеваат ниту дисциплинираните диеталци – изјави градоначалникот Марјан Ристески.
В година домаќинлакот ќе го преземе Тутунскиот комбинат.
Градот, на тутунот и мермерот, стана препознатлив и по вкусните ситни сарми колку еден залак што се топат во устата, откако пред пет години се постави гинисовиот рекорд со подготовката на 81 илјади сармички, колку што градот има жители.