МЛЕКАРНИК, КАФЕНИК И ШЕЌЕРНИК

ivce1Сме се искажале порано за белото кафе. Сме укажале на грешката што ја прават мнозина викајќи го БЕЛА КАФА. Но, како се викаат предметите, садовите во кои се носи млекото, кафето и шеќерот? Ако нарачаме во некој ресторан бело кафе за појадок, келнерот ќе ни донесе празна чаша, во еден сад кафе, во друг млеко и во трет шеќер.

Си спомнуваме, во едно подалечно време, кога Благоја Корубин, пишува дека му се јавиле од тогашната Фабрика за порцелан од Велес. Го прашувале како да ги нарекуваат овие предмети. Меѓу другото, таа фабрика произведуваше и сервиси за бело кафе, па се колебале за називите на тие предмети поодделно. Тој ги прашал како ги викале до тогаш. Му одговориле дека садот во кој се носи млекото го викале МИЛКАНА, а садот за кафе – КАФЕТАНА. Разговорот се водел по телефон. па Корубин не разбрал убаво дали КАФЕТАНА или КАФЕКАНА. Си земаме слобода да тврдиме (или барем да претпоставиме) дека не му рекле КАФЕТАНА, туку КАФЕКАНА. Зборот КАНА значи БОКАЛ (бокалче), па најверојатно по тој пат е добиена именката КАФЕКАНА (бокал за кафе). Именката МИЛКАНА, Корубин смета дека е (малку преправен) англискиот назив milk-can. Всушност, објаснува тој, целиот назив БЕЛО КАФЕ е добиен со калкирање од англискиот јазик.

Како и да било, ваквите решенија не можат да бидат прифатени како успешни, вели Корубин.

Наставката АНА, како што е во овие зборови, се користи понекогаш за изведување именки на наша, а и на некоја друга основа. Такви се примерите со БАРУТАНА, КАФЕАНА, КУГЛАНА, СОЛАНА. Но, именки со такви наставки, обично, означуваат место каде што се прави нешто, се произведува нешто. На пример ТУЛАНА – место каде што се прават, каде што се произведуваат тули, БАРУТАНА  – место каде што се произведува барут и така натаму. Значи, таквите наставки (АНА) не доаѓаат предвид, а тие всушност имаат турско потекло. За овие нешта објаснува Корубин и пошироко. Објаснето е тоа и во Граматиката на Блаже Конески. Но ние ќе се задржиме на предложените решенија на Корубин. Тој ја зема на помош наставката НИК (ница). Некои образувани именки со ваква наставка означуваат предмет во кој се чува нешто, каде што стои нешто – СОЛНИК (соларник), МАСЛЕНИК или МАСОЛНИК. Општо позната е именката ЧАЈНИК  (чајарник). Тоа е предмет во кој се вари или се чува чај.

По таа линија поаѓа Корубин за да предложи називи за предметите во кои се носи млекото, кафето или шеќерот. Така, вели тој, сосема природно е дека садот од сервисот за бело кафе во кој се носи млекото да се вика МЛЕКАРНИК или МЛЕКАРНИЧЕ. Садот за кафето да биде КАФЕНИК или КАФЕНИЧЕ, а садот во кој што стои шеќерот да биде ШЕЌЕРНИК или ШЕЌЕРНИЧЕ. Така, целиот сервис ни е комплетиран. Покрај чашата, имаме уште и КАФЕНИК, МЛЕКАРНИК и ШЕЌЕРНИК. На крајот, Корубин вели: “Ако има евентуална забелешка на ваквото решение, драго би ни било да ја чуеме”. Не знаеме дали се јавил некој со некаква забелешка. Не знаеме и тоа дали овие предмети се пошироко прифатени. Но, не изненади, (пријатно) еден податок што го сретнавме. Ќе објасниме. Одамна сме ја читале драмата од Чехов “Вишновата градина”.  Денес одново ја прелистувавме оваа пиеса издадена во 2002 година во превод на Марија Најческа – Сидоровска. Таа ги употребува во својот превод зборовите КАФЕНИК и КАФЕНИЧЕ. Една реченица гласи – “Дуњашка веќе се враќа со кафеникот”, а една друга: “Оди кај кафеничето”.

Значи, предлогот на Корубин фатил корен. Можеби ќе порасне во големо стебло и ќе се разграни, ќе се рашири.

Благоја Ивчески

Loading