ФРАГМЕНТИ ОД ПЕШТЕРНАТА ЦРКВА ВО ЗРЗЕ

Живописот во пештерната црква во манастирскиот комплекс во Зрзе датира од поствизантискиот период, односно од 16 – 17 век. Ова сознание доаѓа по добивањето на сумираните резултати од испитувањата вршени од Институтот за старословенска култура во рамките на проектот “Обид за реконструкција на дел од сликаната програма на пештерната црква и параклисот во монашката населба на локалитетот Св. Преображение во селото Зрзе”.

– Датирањето на живописот дојде од сумирање на анализи од стилско – ликовната и хемиско – физичката анализа на пигментите во сликарството на пештерната црква. Во хронолошкото растојание од 16 – 17 век се сместува и создавањето на фреско натписот – вели Александар Василески, помлад асистент истражувач од Институтот за старословенска култура.

Пронајдените остатоци од сликарството на параклисот биле дел од фасадната декорација на објектот и се од првата четвртина на 15 век.

– Анализата на фрагментите и нивното поврзување во поголеми целини овозможи реконструкција на основната содржина на претставата на светителот кој бил патрон на параклисот – додава Василески.

Фрагментите од фрескоживописот беа пронајдени при археолошките истражувања на монашката населба изведувани од д-р Бранислав Ристески во 2008 и 2009 година.

Манастирот кај селото Зрзе е еден од најзначајните средновековни културни центри не само во прилепскиот регион.

Loading