ФЕЈСБУК ПРЕДИЗВИКУВА РАЗВОДИ?

– Според Центарот за социјални работи, најчесто разводите се резултат на мешањето на родителите на двојката, неверствата и социјалните мрежи

Cesto se prekinuva zaednickiot bracen kolosekПредничат разводите над браковите. Ова го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Младите потешко се “кандисуваат” да стапат во брак, но, се ујгун и нетолерантни да ја “растурат” брачната хармонија, дури и за мала семејна кавга. Ако “работата не оди”, лесно се решаваат на развод.

– Од 2010 година е забележан раст на разводите, а во минативе четири години тој број од година во година не се разликува многу – велат од социјалните служби.

Според официјалните податоци во 2012 година Прилеп беше прогласен за град со најмногу разводи, 38 од вкупно регистрираните 490 разводи во Македонија. Соодносот на нови бракови и разводи за Прилеп во 2012 бил 3:1, односно на три нови бракови е регистриран по еден развод.

Тешко до мирба

Преовладува мислењето дека за развод треба само тужба на суд и работата е завршена. Но, претходно е нужна средба со социјалните работници за евентуално помирување. 

– Доста осетлива е работата, ако се работи и за деца. Ним им се одредува можеби и судбината и условите на понатамошниот живот. Нашата задача е да им укажеме на важноста на брачната заедница, се обидуваме ако можат да се помира. Ако не, се испитуваат сите услови, и станбени и материјални кај едниот и кај другиот партнер, но не секогаш тие се пресудни за доделување на детето. Битни се и моралните, интелектуалните и други способности кај брачните другари. По испитувањето на сите услови, до судот даваме предлог за доверување на децата. Судот после ја спроведува постапката, ги повикува странките, ги сослушува, дури и сведоците ако се предложат.  Врз основа на она што ќе се утврди во постапката и врз нашиот извештај, судот донесува пресуда за развод – вели Убавка Шипинкоска од Центарот за социјална работа.

Не се менува драстично бројот на разводи со малолетни деца во Прилеп од 2010 до денес. Во просек е околу 150. Варира малку, плус, минус 5-10 разводи. Од 131 барања за развод со малолетни деца, Центарот успеал да спаси само 6.

Нема статистика, но во последно време, најчести причини за развод се мешањето на родителите од двете страни, неверствата и социјалните мрежи. Фејсбукот зема замав, влегуваат во врски, запознал/а некој преку мрежата, и бараат да се разведат за да бидат заедно со новата љубов… – велат  од Центарот.

Дедовци и баби се разидуваат

Разводите ги има од сите возрасти. Нема правило по колку години во брак се “осмелуваат” да побараат развод. Се разведуваат и брачни двојки со деца пред полнолетство, и со полнолетни деца…

– Бараат мировна постапка пред развод и постари двојки, со 20 години брачен стаж, баби и дедовци, со мажени и женети деца, со внуци. Најмлади двојки кои се разведуваат се полнолетните, кои склучили брак на 15-16 години. По наполнувањето на 18 години, се разведуваат или стапиле во брак на 19, и по 5-6 месеци се разведуваат, иако имаат бебе – велат социјалните служби.

Според социјаланите работници, да се одржи бракот најважни се толеранцијата од двете страни, посветеноста на семејството, довербата.

– Фејсбукот да се тргне настрана, да го прекинат, да го намалат шетањето со другари и другарки, туку повеќе да вложуваат во создавање на семејна атмосфера дома. На помладите брачни партнери им е нужна подготовка, оти бракот е откажување од многу задоволства на дечкото и девојката. И родителите не се подготвени да ги пуштат децата во нова средина. Советот од родителите го прифаќаат како критика, оти сметаат дека се зрели, дека им сé дозволено… Понекогаш сугестиите на возрасните може да се помош, но и да имаат штетно влијание – советуваат Шипинкоска.

Ако не успее рочиштето за обид за мирење, судот го разведува бракот, оти утврдува дека односите се нарушени и не е можно усогласување на недоразбирањата. Правосилната пресуда за поништување на бракот, судот ја доставува до управата надлежна за водење на матична книга на венчаните и до Центарот за социјална работа.

Без толеранција

Според Законот, двојката која има склучено брак, тужба за развод поднесува до судот. Меѓутоа, судот за да пресуди за развод, потребно е да бидат исполнети услови. Доколу едниот од брачните другари поднесол тужба, оти брачните односи биле до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив, за развод треба да докажат дека нивниот брачен живот е целосен загрозен. Услов е брачната заедница фактички да престанала да функционира подолго од една година.

Основен услов бракот да престане да постои е заемна согласност на брачните партнери. Доколку имаат заеднички малолетни или полнолетни деца над кои им е предложено родителското право, потребно е да поднесат спогодба за начинот на вршење на родителските права и должности за издржувањето и воспитувањето. При ваквиот развод, судот го разведува бракот по заемна согласност, ако утврди дека согласноста била слободна, сериозна и непоколеблива. Пред главната расправа за развод, судовите одржуваат посебно рочиште како обид за помирување на брачните другари, кое се одржува и во постапката за развод на бракот по взаемна согласност на брачните другари. По почнувањето на постапката за раскинување на брачната заедница, судот со писмено барање се обраќа до центарот за социјална работа да се спроведи обид на помирување. Но, многу е мал, речиси незначителен, бројот на сопружниците кои се смириле и му даваат уште една шанса на бракот.

Центарот за социјална работа е вклучен во секоја постапка за развод. Учествува доколку брачната двојка имала малолетни деца или полнолетни деца за кои е побарано старателство. Во спротивно, судот одлучува. Целта на мировната постака е социјалните работници да посредуваат меѓу “налутената” двојка, да им укажат дека нема причини за развод, да помислат на децата… Доколку не успеат да ги зближат закараните, до Судот испраќаат предлог за доверување на децата. 

Loading