ЕРОТСКИОТ ОДНОС МЕЃУ МАЖОТ И ЖЕНАТА

“Адам и Ева” нова премиера во театарот

Prva sorabotka na Anja Maksic Japungic so nasiot teatar“Адам и Ева”, драмска едночинка од Мирослав Крлежа, во режија на Ања Максиќ Јапунџиќ од Хрватска, е новата претстава која премиерно ќе биде прикажана вечерва и утревечер од 19.30 часот во театарот ,,Војдан Чернодрински“. Првата соработка на режисерката со нашиот театар дошла спонтано, откако таа го запознала ансамблот на фестивалот Еуроказ.

– Професионално соработувам со режисерот Бранко Брезовец, негова асистентка сум на Академијата за драмски уметности. Театарот во 2012 година гостуваше во Загреб, со одличната претстава Антица. Видов за каков ансамбл станува збор. Дојдов во Македонија, се запознав со раководителот Стојан Дамчески и почнаа преговори за соработка. Еве тука сум – вели режисерката.

Најважно í било да има хрватски текст, а потоа Крлежа дошол како предвидлива опција.

– Текстот е многу интересен. Иако многу се игра во Хрватска, ова ќе биде едно ново читање. Се работи за односите меѓу маж и жена кои веројатно многу се караат, но и многу се сакаат. Дејството оди од љубов до инает. Драмата од 20-тите години на минатиот век, нема театарски одговор каде може да се смести, дали е тоа фантазија? Структурно, се одвива во три света – на земјата (во хотелска соба), половично на овој, половично на оној свет, а третиот е под земја, каде играта меѓу половите продолжува до исцрпување. Драмата треба да биде сфатена како банална игра со половите, ништо не може надвор, меѓу машкиот и женскиот принцип. Темата е библиска, за маж и жена кои не можат ништо друго, туку да се расправаат, да се мират, да се заљубуваат. Постои една двојка Адам и Ева, а потоа се мултиплицираат други три. Претставата отвора многу прашања за љубовната комуникација – објаснува Максиќ.

Akterksta ekipa i reziserkata na pauza od podgotovkiteСпоред неа, ансамблот е неверојатен, не само по талентираноста на актерите, туку и посветеноста.

– Одлично функционираат, посветени се на текстовите и соработуваат меѓу себе. Организам се, кој заедно дише. Затоа играат ансамблски претстави. Таа игра им дава неверојатно разбирање меѓу себе – додава таа. 

Играа: Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Димитар Ѓорѓиоски, Андон Јованоски, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Наумоска, Марија С. Илијеска, Александар Тодески, Димитар Црцороски и Катерина Чакмакоска.

Режисерката со Пеце Ристески ја изработи сценографијата. Преводот на текстот е на Сузана Брезовец, кореографијата на Кире Миладиноски, костимите се на Бојана Артиновска Трпческа, музиката на Никола Коџобашија, а задолжен за видео проекциите и тон мајстор е Томче Темелкоски.

Ова е последната премиера на театарот за годинава поддржана од Министерството за култура.

Фабула од ,,Вертиго“ на Хичкок

Во поттекст на приказната е вметната фабула од култниот филм “Вертиго” на Алфред Хичкок.

– Вода – смрт. Водата има привлечна сила. Од македонската реалност ја зедов приказната за бродот Илинден каде загинаа луѓе – открива Максиќ.

Ања Максиќ – Јапунџиќ, завршила Академија по драмски уметности во Загреб. Престојувала во САД. Учествувала на театарски работилници, а пишувала радио драми. Преведува и режира анимирани серии, долгометражни анимирани филмови, пишува книги, режира претстави. Таа е уметнички асистент на Отсекот за театарска режија на Академијата во Загреб.

Loading