ХРАБРОСТ ЗА ТРЕНДИ

Fashion Style

Sopstvenickite i manekenkite  pred buticiteУникатни “парчиња” женска гардероба, за девојките кои имаат смелост да ги облечат, ѕиркаат низ излозите на двата бутици Fashion style, едниот зад Т-мобиле, а другиот во Старата чаршија. Веќе осум години се здружени во заеднички бизнис сестрите Даниела Думаниќ и Наташа Христовска. Страста за модата, чувството за убаво и уникатно ги внеле во бутиците, со препознатлив стил на облека.

По 15 години се во чаршијата, велат дека убаво е да се биде во светот на модата, да заслужиш насмевка, да предизвикаш пријатно расположение кај муштериите кога ќе се дотераат тип-топ во бутиците.

– Треба да ја уживаш работа, да ја тераш со срце, со ќеф. Ако не те бидува да комбинираш,  нема да опстанеш – вели Наташа.

Со голем напор и труд, небаре плус и минус, една со друга се надополнуваат и успешно функционираат во овие тешки економски времиња.

– Добро функционираме, оти имаме со кого да се консултираме. Нешто нејзина идеја, нешто моја… Полесно е свој да имаш крај себе. И кога паѓаш, треба некој да те поддржи, да те поттикне, да те охрабри да издржиш, па да се насмееш и да продолжиш понатаму – вели Даниела.

Следејќи ги модните трендови, упорни се, не се откажуваат и секогаш смислуваат нешто ново во понудата. Бутиците им се исклучиво за женска гардероба, претежно свечена, фустани за сите возрасти и големини, и еднаш кога жената ќе се освои, станува “роб” на Feshion style, никогаш не заминува на друго место, туку се враќа пак и пак, како во “светилиште”. Муштериите кога излегуваат од бутиците не се препознаваат. Дотерани се комплетно, дури и со бижутерија и ташни. И цените се пристапни, со фустани од 950-1100 денари, а посвечени до 3000 денари. За накитот, дури и на половина цена во споредба со останатите. Први се во обезбедувањето на најнови модели. Скоро секоја недела ги освежуваат бутиците со нова понуда на нов асортиман на облека… Водилка им е муштериите да бидат задоволни.

– При набавките во странство, се определуваме да бидеме оригинални и единствени. Го набавуваме исклучиво тоа што го нема. Не копираме, туку носиме модели, кои се комбинираат. Им помагаме на муштериите при изборот и им ги расчистуваме дилемите додека не се бендисаат. И за тоа е нужно да се поседува дарба – додава Даниела.

Половина од понудата се секојдевни модели, а остатокот се модели за жени кои имаат смелост да ги облечат. Да бидат различно и тренди. Со полн “кош” идеи, покрај економската ситуација, оптимисти се, со интенција да се прошируваат и да креираат свои модели.

Со тотална посветеност, со саати, саати работа, со труд, вложување,  се успева. Нема запирање, постојана активност, мозокот да работи 300 на саат, да се нижат, да бујат и да пламтат идеи и комбинации. На патот е нужна позитивна атмосфера, без потценување, со респект, оти муштеријата е секогаш во право и не знае да згреши. Секоја жена бара малку “галење”, внимание… – вели Христовска.

Во последниве 3-4 години гардеробата ја промовираат со организирање фото сесии и модни ревии. Имаа успешна фотосесија на новогодишните модели на фустани и сукни, а на 24 декември од 18 ч. организираат модна ревија во Салида, со модели според смислени комбинации, овозможувајќи им на гостите, користејќи 10 отсто на целата понуда преку влезниците, полесно да го одберат најуникатниот фустан.

– Секогаш сме први, а после не е битно кој друг ќе нé следи и копира. Целта ни е гостите да го почувствуваат духот на убавото за новогодишната прослава, да видат облечени модели, за полесно да одлучат како тие би изгледале за новогодишната ноќ. Сé друго е дружење и забава – вели Наташа.

Loading