Ракомет: Консолидација на Жито Прилеп
– Првиот успех дојде со напорна работа – вели тренерот Жане Дисоска
Пред неколку години јавноста беше навикната на серија успеси на Жито Прилеп во борба за висок пласман, а сега, кога воопшто не се зборува за некакви амбиции, добредојдена е каква било победа. Кога се чинеше дека есенва ќе се наредат само порази, совладан беше солидниот состав на битолски Пелистер. И тоа со висок, изненадувачки резултат од 32-21 (11-9). По подолго време има нешто позитивно во клубот, нешто за свртување нова страница.
– Трениравме до доцна навечер по четирипати неделно, со силна желба и мотив. Победата е плод на напорот за кусо време. Отстранивме недостатоци и грешки, а имавме и желба за победа. Публиката беше изненадување, но со девојките бевме убедени дека ќе триумфираме со голема разлика – вели Дисоска.
Екипата е претежно млада со Богеска, Стојанова, Митреска, Камческа, Рипилоска, Кукоска, Данаилоска, Ристеска, засилувањата Михајлова од Струмица, Саздова од Пробиштип, Крстевска од Битола. Најискусните Гичева и Аџулеска, одвреме – навреме се на располагање поради работни обврски. Без нив не се исти шансите за поволен резултат. Потребни се нови, но прашање се засилувањата со оглед на ситуацијата во клубот. Некогаш доаѓаа дури од странство, а сега се потпираме само на сопствениот кадар од школите.
– Би сакала да имам уште неколку квалитетни ракометарки да го постигнеме посакуваното, но тоа зависи од управата. Со постоечкиот кадар атакуваме на победа дома со Ѓорче и на достојна игра на гости кај Вардар и Металург – истакнува Дисоска.
Од октомври таа работи и со пионерската екипа, а три недели подоцна беше назначена за тренер на првиот тим. Волјата и желбата за резултати и придонес кон прилепскиот спорт беа главните причини да ја прифати понудата. Се врати на тренерското место по четири години.
– Клубот во 2010 располагаше со силни ракометарки и сигурно ќе имав успех како мојот наследник. Тогашната управа ангажира професионален тренер. Поради презафатеност како професор по спорт, обврската не ја презедов. Сега ја користам шансата со силен мотив – порачува Дисоска.
Шанса за Прилеп
Голем подвиг направи машкиот суперлигаш Прилеп со победа од 20-23 во Охрид. Трите бода се зацврстување на третото место и нова шанса за приближување до вториот Металург. Нареден меч е в сабота (19 ч.) со скопски Работнички. Време е за враќање на долгот за поразот во 2. коло. Преполна ќе биде салата “…Ричко” .