Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности “Зодијак”, има нов соло перформанс насловен ХЕРОЈ на кореографот Кире Миладиноски. Со вечерашнава изведба се одбележува годишнина од првото соло на Миладиноски и претставува заокружување на кореографскиот триптих (2004-2014).
– Перформансот е истражување на релациите меѓу мајка и син, верските убедувања и жртвувањето како форма на херојски чин. Текстот е само отсликување на реалниот живот и случувањата на Блискиот Исток виден низ призмата на емотивна интимна релација син – мајка, составен со преземање на статуси и цитати од социјалните мрежи – велат од “Зодијак”.
Покрај Миладиноски, како автор на сценариото, кореографијата и концептот, учествуваат актерот Игор Трпчески, музиката е на Томе Темелкоски, дизајнот на сцената и 3Д мапингот на Игор Ѓорѓијоски, а костимите на Даниела Настоска.
Паралелно, посетителите ќе ја погледнат и изложбата на слики и неколку скулптури од Кире Миладиноски, што како инспирација ја има токму мајката и создаденото во текот на кореографското дело. Перформансот го помогна Министерството за култура и локалната самоуправа.
Ова е трет соло проект на Миладиноски после успешните “Еден правец внатре” (2005) и “Бубачки”(2010).