ИДНИНАТА Е ВО СТОПАНСТВОТО, ТУРИЗМОТ И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Промоција на нацрт стратегијата за развој на Прилеп до 2020 година

– База на податоци за гринфилд и браунфилд инвестиции

– Промоција на руралниот туризам, обичаите, традициите, брендирање на ширденот, мариовското биено сирење и медот                    

Tapija za sirdenotЕкономски развој, поттикнување на туризмот и земјоделството, инфраструктурата и развој на работна сила се петте приоритетни области кои се дефинирани во нацрт стратегијата за локален економски развој на општина Прилеп следните шест години, а која локалната самоуправа со УСАИД ја обелоденија на претставниците на стопанството, на граѓанскиот сектор и на државните институции. Јавната расправа се отвори да се утврдат нови насоки за да се стави акцент на перспективите на општината до 2020 година. Од анализите и согледувањата утврдени се стратегиските цели за поттикнување на развој на бизнисот и креирање на нови работни места. Преку документот се посочени и тежненија да се дојде до усогласување на потребите на бизнисите со профилот на образованието и да се креираат интегрирани мерки за стимулација.

Документот предвидува формирање на бизнис центар за претприемачи и бизнис инкубатор. Следниве години може да се очекува формирање на фонд за бизнис иновации, формирање на совет за елиминирање на бизнис бариери и организирање на советувања за искористување на средствата од европските фондови. Стратегијата го акцентира искористувањето на обновливи извори на енергија и инвестиции во Мариово. Таа идентификува потреба за подготовка на база на податоци со каталог за гринфилд и браунфилд инвестиции. Од другите интересни мерки секако се зголемувањето на можностите за самовработување и прилагодување според потребите на бизнис заедницата. Во следниов шестгодишен период ќе се изгради и приклучок на патот Прилеп – Битола кон  индустриската зона Алинци. Предвидена е и гасификација на индустриската зона како и за деловните и јавните објекти и за домовите  во градот.

Во  доменот на туризмот, градот ќе создаде туристички бренд, за кој ќе се дизајнира заштитено лого. Се потенцира промоција за ИПАРД и други фондови за развој. Ќе се публикуваат водичи, карти, ќе се поставуваат патокази, табли и за афирмација на туристичките атракции, културно историските споменици, музеите, црквите и манастирите, природните раритети, фестивали, манифестации, екстремни спортови… Се предвидува формирање на туристички сојуз со посебно одделение во локалната самоуправа.  Скицирана е и изградба на камп по сите европски стандарди. Кај вештачкото езеро е утврдена локација за излетничка населба. За развојот на руралниот туризам како привлечна област за економски подем е промоцијата на културното наследство, обичаите, традициите. Се заговара создавање на етно село со концесија, брендирање на прилепскиот ширден, мариовското биено сирење и прилепскиот мед.

Модернизирањето на земјоделството и селото е важна гранка за економски развој. Општината ќе се движи кон европските текови за подобрување на условите и површините со наводнување и одводнување, воведување на нови технологии во земјоделството, зачувување на старите традиционални сорти, едукација на земјоделците за новите стандарди и модерни техники и технологии, формирање на земјоделски задруги и кластери и редовно информирање за можностите за финансиска поддршка на инвестициите  од  страна  на  државата и ЕУ фондовите. Руралниот развој ќе се овозможи и преку подобрување на патната инфраструктура.

Развојот на работната сила е движечки во економскиот подем. Прилеп ќе ги анализира потребите на пазарот на труд и врз база на наодите заедно со Министертвото за образование ќе се подготвуваат профили во образовниот процес. Квалитетот на наставата ќе се подобри со обезбедување практична настава и обука на наставниците за примена на нови методологии за пренесување на знаењата и вештините.

Два надвозника над пругата

Стратегијата планира градба на два надвозника над пругата, проширување на улицата “Трајко Николоски” и проширување на мостот, бидејќи станува носечка сообраќајница кон индустрискиот дел на градот

Мини пречистилни станици во селата  

Покрај изградбата на пречистителна станица и реконструкцијата на канализациона мрежа во должина од 69 км се предвидуваат мали станици за руралните средини во Канатларци, Големо Коњари, Мало Коњари, Мажучиште, Селце, Галичани, Кадино Село, Тополчани, Беровци, Старо Лагово, Ново Лагово, Загорани, Ерековци Чепигово…

Стратегијата ја следи ЈП Комуналец со продолжение на инвестицијата на фабриката за преработка на градскиот смет со изградба на Центар за управување со отпад од селектирањето до компостирањето.

Планирани се и мали акумулации со хидросистеми кај селата Дабница, Селце, Подмол, Канатларци, Ореовец, Крстец, Небрегово.

Loading