ЕКСПРЕСЕН ПАТ РАЕЦ – ДРЕНОВО

Изградба на нова патна инфраструктура за безбедност во сообраќајот

Ќе се гради експресен пат, од мостот на реката Раец до клучката Дреново, кој што веќе е влезен во собраниска процедура и ќе ја добие поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Патниот правец е дел од Програмата за национални патишта за која се обезбедени средства за изградба и реконструкција на повеќе делници низ Македонија.

– Овој експресен пат ќе започнува веднаш по кракот на магистралниот пат Прилеп – Градско, кој се одвојува од левата страна кон општина Кавадарци. Експресниот пат од реката Раец до Дреново (Градско) претставува дел од патот Градско – Прилеп. Делницата Раец – Дреново ќе биде во должина од 10,2 км, односно 5 км со ширина од 12,4 метри, 4 км со ширина од 17 метри и последните 1,2 км кај клучката Дреново ќе бидат со ширина од 25,4 метри – информира пратеничката Ане Лашкоска.

Токму овој дел од патот од Градско до Прилеп претставуваше една од најопасните црни точки кои што со овој проект ќе биде минато и ќе се обезбеди поголема сигурност и безбедност во сообраќајот.

– Изградбата за општините ќе придонесе за осовременување на патната мрежа во овој регион, како и за зголемена безбедност, но и за подобра поврзаност меѓу овие општини, како и за оние граѓани кои патуваат за Битола и за Пелагонискиот регион, при што ја минуваат оваа делница. Овој патен правец ќе има огромно значење и за економскиот развој на општините поединечно, како и за зголемен развој на земјоделството, туризмот и индустријата – вели Лашкоска.

Патниот правец од мостот на реката Раец до Дреново ќе се гради според сите најмодерни безбедносни и сообраќајни стандарди кои се предвидени за градба на пат од ваков тип, односно на овој експресен пат ќе бидат изградени четири ленти, по две во секој правец.

Со средствата кои се обезбедени се предвидуваат и консултантски услуги за план за управување со биолошка разновидност, како и план за управување со заштита, одржување на биолошката разновидност од изградба на патниот правец.

Проектите се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори. 

Loading