ФОТОГРАФ И КАМЕРМАН ЗАМРЗНУВААТ МОМЕНТИ

Фото и видео студио “Дано”

Darko i Daniel, ne se brakja, ama odat vo paketЗа една свеченост да се овековечи потребен е и фотограф и камерман. Даниел со камера, а Дарко со фотоапарат в раце, сопствениците на “Дано”, го замрзнуваат моментот на разни свечености, свадби, крштевки, матури, дипломски и што ли уште не. Не се браќа, ниту близнаци, ама секаде одат во пакет. Основач е Даниел Бошковски, кој од 1999 година снима по свадби. Дури во 2008 година отворил дуќан. Во градов “врие” од фото студија, но Даниел не се откажувал, иако е диполомиран економист. Вели дека најголем ризик е кога ништо не ризикуваш. Почнал со видео снимки, а фотографиите ги “вадел” по други студија. А и Дарко Манески, кој се вклучил три години подоцна, не е нов во бизнисот. Подработувал во неколку фото студија. Здружени, набавиле машина за фотографии и продолжиле самостојно. Како кец на десетка им дошла локацијата на аголот од новата зграда Табаана, оти е прометна и пристапна, дури и за случајните муштерии.

– Од мал сум со фотоапарат и камера. Желбата беше голема, а и татко ми и дедо ми беа камермани. Ги подземував по свадби. Првин учев, гледав, па потснимував по 15-20 минути, па 30 минути, час, додека не почнав сам да снимам. И фотографирам, но претежно сум камерман – вели Даниел.            

Нудат и фотосесии за било каква пригода. Дарко најмногу “чкрапа” на свадби. Ги респектира замислите на муштериите, оти некој сакал повеќе, некој помалку фотографирање, а негова идеја е како “ќе го замрзне времето”.

– Често се фотографира, оти има интересни моменти и случувања во животот кои треба да се овековечат. Фотографијата го доловува моментот, среќата на луѓето, па и некој детал како фризура, шминка, насмевка – додаде Дарко.

За добар камерман и фотограф, потребно е време, да се присуствува на свеченостите, да се научи “редот” на свадбата, што сé се случува. Во 80-90 отсто од случаите, камерманите ја водат свадбата. Домашните се малку збунети и не знаат што е следно. А за задоволство на зетот и невестата додаваат квалитет. Не негираат дека квалитетот е на прво место, оти секој сака квалитетна фотографија и снимка, но многу битен е и односот, пристапот кон работите.

– Сценарио и протокол сме на свадбата, иако сме “никој и ништо” на веселбата. Само фотографираме и снимаме, а сватовите ја прават фамилијарната радост. Се води свадбата, без да бидеш забележан. Кога ќе заврши, се поздравуваме со зетот и невестата и тие се презадоволни, иако не виделе фотографија, ни снимка. Битен е односот – додава Даниел.

Снимаат со камери со HD резолуција. Камерата е иста, различна е обработката, дали видео снимката од свеченоста ќе ја изработат на DVD, Blueray со HD или ќе ја добијат во електронска форма. Претежно клиентот за најдобар квалитет, ја добива снимката електронски на надворешен хард диск, или директно на лаптоп.

Конкуренцијата е голема, а пазарот е тој. Цените горе – долу се тука некаде во сите фото студија. Најчесто муштериите им пристапуваат од кажано – прекажано, од видено – допаднато.

– На свадба има од 200-400 гости. Сите добиваат фотографија и сите ќе ги видат останатите фотографии од зетот и невестата, како и снимките. Кога во едно друштво ќе сработиме свадба, другарите ретко ги пропуштаме кога ќе им дојде редот. Ако една свадба за 3-4 месеци не донесе друга, значи не е успешно сработено – вели Даниел, кој “се гледа” дека економски размислува.

Летно време странци се враќаат да направат свадба. Навикнати се да ги договараат снимањата на свадбите преку интернет. Не им менува дали студиото е од Прилеп, Битола, Скопје. Битна е услугата и договорот. Па, “Дано” стасал до Охрид, Струмица, Кавадарци, Битола, Скопје, речиси секаде низ земјава.

Нон-стоп мислат “што, како” да “делат” од конкурентите, да  понудат повеќе. Постојано се унапредуваат, било во опрема, било во идеи. Со дигиталната форма на фотографијата им е олеснета работата, но и “пазарот” е намален. Снимките и фотографиите малку се ценат, иако се важни, оти тие остануваат години, години.

– Сите се сликаат, а ретко кој вади на хартија аматерски фотографии. Нема интерес за принтање слики. На одмор се сликаат, но не е како со филм само 36 фотографии, туку се “прават” 500 фотографии кои веднаш се споделуваат на фејсбук. Ги чуваат на хард дискови, но до кога? Има дискот век, за подолг временски период од 5-10 години. Кога-тогаш ќе изгори, ако не се извлекле на хартија да останат како фотографии. Затоа, од 500, барем 10 најдобри слики да се изберат за 140 денари и да се зачуваат спомените – советува Даниел.

Најголем ќеф им претставува кога муштериите ќе им кажат дека сé е професионално.          

Loading