ПРИЛЕП ДО 2. МЕСТО ПРЕКУ ПЕЛИСТЕР

Ракомет: Кулминира суперлигашката полусезона

– Првпат домаќинот не е фаворит

Bitolcanec na prilepskata klupa - Boro CurlevskiПретстои последното коло од првиот круг на Супер лигата за мажи, но токму тоа е најинтересното. Како да кулминира полусезоната, бидејќи на ред е традиционалното соседско пелагониско дерби меѓу Пелистер и Прилеп. Дуелот има значење за меѓусебен престиж, но и за пласманот на табелата. Таму Прилеп е трет со можност да биде втор, а Пелистер е осми со шанса да се израмни со петтопласираниот.

Барем на хартија прилепчаните во најмала рака се рамноправни, дури и благи фаворити, иако играат на гостински паркет. Тоа мошне ретко се случувало во минатото, кога Пелистер бил кандидат за највисок пласман и настапувал на европската сцена. Последното дерби е одиграно во 2010 г.

Традицијата е само за пишување историја и ништо не значи за наредниот меч, на кој одлучува квалитетот или моменталната форма. Двата фактора се на страната од Прилеп. Тимот на битолчанецот Боро Чурлевски трипати со ред победи, на гости кај Текстилец, дома со Радовиш и Пролет (24-22). Да беа двата несреќно загубени бода со Охрид, билансот ќе беше уште подобар. И вака оствареното е над планот. Оптимална се покажува комбинацијата од домашни ракометари Ѓорѓиески, Петкоски, Цветкоски Бозароски, Ангеловски, со помладите Тодороски, Трајкоски, Василески, Стефаноски, Јанески, Шокоски и засилувањата Михајлоски, Мојсоски, Талевски, битолчаните Божиновски и Митревски.

Podgotveni za nova radost - RK PrilepПелистер есенва е во две лица. На стартот загуби од Преспа, Зомимак, Радовиш, победи над Текстилец, Пролет, потоа поразен е од Металург и Охрид, а се извади со победа на гости со Работнички. Тренерот Игор Николовски има само двајца над 30 години, Димитровски и Велјановски, а сите други се деценија помлади. Во последен момент доведен е бекот од Црна Гора, Николиќ.

Табела: Зомимак 24, Металург 18, Прилеп 16, Охрид 13, Радовиш и Пролет по 12.

Жени

Аутсајдер и на пелагониското дерби

Покрај машкото, има и женско пелагониско дерби, викендов. В сабота (17 ч.) во салата на СОУ “…Ричко” се среќаваат суперлигашите Жито Прилеп и Пелистер. Гостинките се фаворити, оти се на 4. место на табелата. Жито Прилеп е аутсајдер во првенството. Секој нареден меч се очекува првиот бод по шесте порази. Последниот е завчера во Скопје со 51-17 од гигантот Вардар СЦБТ. На клупата е повратник – тренерот, Жане Дисоска.

Loading