НАМЕСТО НА РАЗДОРОТ, ЈАБОЛКО ЗА БРАТСТВО

Едукација за еко средина, здрава храна и соживот 

– Три проекти во едно реализира ОУ “Блаже Конески”

Bogata ponuda na specijaliteti so jabolkaВо ист ден, на 7-ми ноември, во исто време, и во нашиов град и во Камник, во Словенија, во ОУ “Блаже Конески” и во партнер училиштето ОУ “Марија Вера”, се славеше Денот на јаболкото. Иако се географски над илјада километри оддалечени, учениците од двете училишта беа блиску и заедно – ги спои конференциската скајп врска, воспоставена меѓу двете училишта. Дотерано по урнек на Програмата на еколошката едукација во Словенечкиот образовен систем, дури три настани имаат заеднички именител – здрава животна средина за детство без предрасуди и ограничувања.

Трета година во ОУ “Блаже Конески” се одбележа Денот на јаболкото преку програмата Интеграција на еколошката едукација во образовниот процес и владината кампања за здрава храна и живот.

Програмата подготвена за празникот на најздравото овошје – јаболкото, почна со државната и училишната химна која се лееше од милозвучните гласови на хористите.

Специјалитети на 1001 начин без зачин

niz rabotilnici do interakcija so partner ucilisteto Redze Rusin ZajaziУчилиштето вриеше како во кошница од масовната посетеност. Позитивна енергија, детски џагор и еуфорија оддекнуваше од продажните штандови, на кои, од најмали до најголеми, учениците продаваа различни специјалитети со јаболко. Собраните средства ќе се искористат за училишни цели. Децата ем нудеа “јаболкови” производи, ем на пристапен и интересен начин се едуцираа за здрава храна за детство без мана.

– Чоколадираните јаболка се најпродавани. Има и полнети со орев, и разни пити, торти со јаболка… Се дружиме и учиме што е здрава храна – рече ученичката Исидора Мрсеска.

– Продавам секакви производи од јаболка. Има посно, мрсно, дури и со рецепт, ако сакате дома да ги направите. Може да го користите за украс, може и да го изедете… –  рече ученикот Леонид Мариноски.

– Со другарчињата и родителите правевме специјалитети со јаболко, а роднини, пријатели ни купуваат – рече ученичката Теодора Трајкоска.

И учениците, и наставниците, помогнати со трудољубивоста на родителите, покажаа дека постои начин здравиот стил на живот да стане попристапен за детската возраст.

Гости од Зајас

so likovna izlozba do proektot Site sme ednakviСлавењето на Денот на јаболкото, беше дополнителен повод за посета од ОУ “Реџе Рушит Зајази” од селото Зајас, кичевско, кое е партнер на ОУ “Блаже Конески” за Меѓуетничка интеграција во образованието. Низ три работилници, учениците од мешаните етникуми се сплотија преку дружба и размена на нивни хоби и интереси и доловија позитивни искуства за соживот, почитување и меѓусебна толеранција и разбирање.

Третата поголема интегрирана активност беше продолжување на проектот “Сите сме еднакви”, што е сличен со проектот за Меѓуетничка интеграција во делот на почитување на разликите, соживот, соработка, толеранција и почит. Третоодделенците предводени од наставничката Габриела Стевананџија, изработија постери и цртежи со логоа “Сите сме еднакви” за нивните права и одговорности.   

Квиз на англиски јазик

Беше распишан и литературен и ликовен конкурс на тема јаболко, а во кој учествуваа учениците од другите училишта. Ним, на свечената церемонија, им беа доделени благодарници, а на најуспешните литературни и ликовни творци дипломи за освоените места. За шестоодделенците беше организиран квиз на англиски јазик. А деветтодделенците преку интерактивна работилница во кино салата презентираа видео запис на тема “Сé што досега не сте знаеле за јаболкото”. 

– Ова не е само Ден на јаболкото. Едновремено се одвиваа и два значајни проекти, едниот за меѓуетничка интеграција во образованието и другиот “Сите сме еднакви” за соживот, толеранција и разбирање на различни етникуми. Сите ученици, родители и наставници, од нашето, а и од партнер училиштата се вклучија во настанот. Во насока на едукација на младите луѓе за тоа што значи квалитетна и здрава храна, сите одлично се дружевме – изјави директорката Марија Дулеска.

Како фил на тортата, за Денот, учениците ги покажаа своите спортски вештини преку несекојдневни игри, трчајќи од една до друга локација со табла во рака пренесуваа јаболка.

Настанот го поздравија претставниците од Бирото за образование и директорите на другите основни училишта.

Loading