ЛЕБ ОД ВОЛНА …

МЛАКАПРОМ

Strucnak za otkup na volna - Ljupco DunimagloskiМлакапром е “постара” фирма, која се занимава со откуп на земјоделски и сточарски производи и со трговија со текстил, памучни крпи и пуцвал. Искусни во откупот се сопствениците, сопружниците Наде и Љупчо Дунимаглоски. Фирмата постои преку 16 години. Обезбедува егзистенција и за 7 работници. “Полето за обработка” воопшто не е лесно, но успешно се носат и се борат, претендирајќи кон постепен прогрес. Машкиот дел од двојката Дунимаглоски е ориентиран кон комерцијата, а газдувањето е во рацете на понежниот пол. Преокупација им е откупот на пченица, пиперки и волна. Житото го пласираат кај мелничарите, главно во Жито Караорман во Кичево, а пиперките “одат” на преработка во конзервната индустрија. Волната преземена главно од Западна Македонија ја извезува во Бугарија. Над сто тони или околу една третина од производството на волна во земјава го откупува и пласира Млакапром. 

– Многу години сме со откупот на земјоделски и сточарски производи, иако не сме производствена фирма. Но, како да сме, оти за нас се ангажирани кооперанти кои ги авансираме со производи што му се потребни. Досега е добро. Секоја работа со труд и волја, се исплаќа – вели сопственикот Љупчо Дунимаглоски.

Млакапром делумно откупените производи и продадени во фабриките ги компензира и ги продава во сопствената продавница, но и на поголеми потрошувачи преку тендери. Со стоката што повеќе се врти, повеќе се заработува. Тоа е умешноста на трговијата, но и соработката со земјоделците со кои негува коректни деловни односи со години. Дури на битолските и прилепските кооперанти им помага и им авансира дел од нивното производство.

– Фирмата не е “вчерашна”. Со земјоделците одржуваме фер односи. Тоа е формулата на успехот. Секоја година преземам и плаќам околу 300 тони пченица. Една од најголемите откупни фирми на волна сме. Цената е ниска и никој не ја преработува. Парите од волната се колку да се покријат давачките за стрижењето на овците – објаснува Дунимаглоски.

Од Млкапром не се жалаат. Велат дека напорниот и ризичен бизнис им носи пристојна живеачка. Не е едноставна трговијата во време кога паѓаат маржите. Но, се оптимисти и сметаат дека бизнисот има перспектива. Само малку да се потсуреди пазарот од нелојалната конкуренција која им одзема дел од профитот преку диви прекупци кои не плаќаат никаков данок и надомест.    

Loading