ГЛАД ЗА ГРАНТ ЗА ПРИВАТЕН БИЗНИС

Државен ветер за старт на 18 фирми

Draven veter protiv nevrabotenostПо три илјади евра неповратни средства од државата добија 18 прилепчани за да станат бизнисмени. Тие им се приклучија на околу 600 храбри сограѓани кои ја препознаа исплатливоста на државниот грант да отпочнат сопствен бизнис што се практикува во последниве седум-осум години од страна на Агенцијата за вработување.

Годинава, дури 65 лица вработувањето го решија токму на ваков начин. Добрите идеи и бизнис планови кои се одржливи најдуваат зелено светло за добивање на финансискиот колач, а пак последните апликанти, покрај неповратни средства, добиваат и други поволности, ако вработат млади до 29 годишна возраст. За нив, првата година се ослободени од плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Со последните неповратни финансиски инјекции, регистарот на фирми во градов се збогати со компанија која ќе се занимава со физиотерапија, пекарници, фирма за слатки, браварска, механичарска работилница, компании за сметководство и др.

Некои претходно го осетиле бенефитот од субвенционирањето при вработувањето, а со дадената шанса ќе можат да го зголемат бројот на вработените и да го прошират бизнисот.

Таква е фирмата “Стара фурна” која и пред две години искористила државни неповратни средства. Новиот грант од три илјади евра на сопственикот Влатко Апостолоски ќе му овозможи да го зголеми бројот на вработени.

– Идејата ми беше да го продолжам семејниот бизнис што го започнал дедо ми, иако претходно немав никакво искуство како пекар. Мислев дека има недостаток на тој производ, затоа и со тоа почнав. Моментно имаме 31 вработен, со цел за проширување, ако државата ни даде простор за понатаму да одиме. Ако сака човек работа, има работа, повеќе и од сигурно. Стоиме на располагање за млади кои сакаат да учат занает – вели Влатко Апостолоски, сопственикот на “Стара фурна”.

Пекарницата за период од две години со развој на дејноста продажбата ја проширила и во соседните градови од регионов.

Владините мерки за самовработување со посредство на грантови кои се дел од проектите на АВРМ се покажаа како одлична можност за отпочнување на бизнис и дополнителни вработувања.

И 27 годишниот прилепчанец Игор Мицоски со државни пари прв ќе отвори Центар за рехабилитација, кинезитерапија и алтернативна медицина во градов.

– Со грантот од три илјади евра набавив апаратура од мојата струка за кинезитерапија и алтернативна медицина. Можноста е одлична – вели Игор Мицоски.

Годинава веќе 64 прилепчани се корисници на програмата и го официјализираа својот бизнис.

– Самовработувањето со неповратни средства е најактуелна владини мерки и Прилеп се смета во најуспешните градови. Ги поттикна вработувањата и голем број невработени лица своето вработување го решија преку оваа активна мерка, бидејќи условите се многу поволни. Средствата од три илјади евра се неповратни, плус регистрација на фирмата, а од оваа година владата даде посебна можност за младите лица како стимулирање да почнат свој бизнис и 12 месеци да бидат ослободени од плаќање придонеси. Оваа мерка ја работиме осма година. Годишно се регистрираат од 60 до 80 нови фирми со висок процент на реализација од 85 насто – вели Силвана Пашоска, од бирото за вработување.

Според градоначалникот Марјан Ристески владината мерка придонесува за намалување на невработеноста и подобрување на стопанската клима во градот.

– Доколку продолжи оваа владина мерка, во Прилеп ќе имаат можност многу млади со креативни идеи да отворат свој бизнис, но и да се прошируваат и да вработат лица – вели Ристески.

Изминативе седум години во Прилеп преку оваа мерка свој бизнис почнале 578 граѓани. 

Loading