ЛАВРИ ЗА ТРАГИ ОСТАВЕНИ ЗА НАВЕК

В понеделник ќе се доделат највисоките награди

– Животно дело за Иваноски, Попоски, Самарџиоски и Наумоски

Somenik na Krume Kepeski pokraj Cepenko i KoneskiБорецот и учесник на првото заседание на АСНОМ, Перо Иваноски – Тиквар, доктор Љупчо Попоски, претседателот на Друштвото за наука и уметност и претседателите на управните одбори на Прилепската пивараница и на Витаминка, Кирил Самарџиоски и Симон Наумоски се носители на наградата за животно дела “Трети ноември” што традиционално ја доделува локалната самоуправа по повод празникот на ослободувањето на градот.

Ова го обелодени Радко Наумоски, претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување на награди и признанија.

Иваноски е учесник во македонското револуционерно движење во Втората светска војна, а Попоски е награден заради научно – истражувачката работа и творештвото во областа на стопанството. Кирил Самарџиоски ќе се закити со наградата за животно дело за успешното раководење со Прилепската пиварница, која годинава слави 90 години и која од мала фабрика со мануелно производство прерасна во една од најсовремените капацитети во својата бранша и во Македонија, препознатлив бренд на Прилеп. Наградата за животно дело ќе му биде врачена и на претседателот на управниот одбор на Витаминка, Симом Наумоски, бидејќи е општествено -одговорна личност и креатор на брендот на прехранбената индустрија, препознатлив како на домашниот, така и на светскиот пазар.

Плакети Трети ноември добиваат манифестацијата Фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”, Сервисот за спорт од швајцарскиот град Лозана, државното средно училиште “Ристе Ристески -Ричко”, конфекцијата Хатра, планинарскиот клуб Златоврв, религиозната група “Ехли Сунет Вел Џемат’”, женската асоцијација Орхидеја, Здружението на пензионери и ОУ “Климент Охридски”.

Добитници на дипломи Трети ноември се уметникот Тони Чатлески, Михајло Мотески, новинарите во пензија Кирил Ристески и Милан Пројковски, писателката Марија Ѓорѓиоска и професорите Виолета Пепељугоска и Блаже Димески.

Доделувањето на наградите ќе се одржи на свечена проширена седница на Советот на 3 ноември во Центарот за култура “Марко Цепенков” во 19 часот.

СПОМЕНИК ЗА КЕПЕСКИ

Автор на првата македонска граматика, Круме Кепески доби споменик во родниот Прилеп. За сé она што го направил македонскиот педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби и граматичар, градот му се оддолжува со поставување на мермерен споменк пред ЦК “Марко Цепенков” на литературниот плоштад. Тој е во друштво со останатите основоположници на македонското писмо и реч – Марко Цепенков и Блаже Конески. Споменикот изработен во бел мермер е дело на таткото и синот Николоски. 

Воедно, покрај свеченото откривање на споменикот на Круме Кепески напладне, по повод одбележувањето на 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на градот, ќе бидат поставени и две спомен плочи на патеката на славните на заслужни прилепчани кои со својот работен век и успеси дале исклучителен придонес за развојот на научната и уметничката мисла.  

ЦВЕЌЕ ЗА ХЕРОИТЕ

По повод 3-ти Ноември, денот на ослободувањето

В понеделник, Прилеп ќе ја одбележи 70-годишнината од ослободувањето. На денот кога слободарското сонце конечно го огреало градов, во чест и слава на херојската и несебична жртва, на сите оние кои ги втемелиле своите животи, ќе им се оддаде почит.

Делегација од Локалната самоуправа, од партиите и здруженијата и граѓани, в понеделник во 9.30 ч., ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу и на Могилата на непобедените. Ќе се посети и споменикот кај Песјобрдце кој е на местото каде се воделе завршните борби за ослободување. 

Во текот на војната, градот активно се вклучил во борбите против фашистичкиот окупатор. Првин бил ослободен на 9 септември, а конечно на 3 ноември 1994 година кај местото Песјобрдце. Во НОВ, од Прилеп учествувале со оружје в рака 2700 борци. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за Народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на “Партизанска споменица 1941”. Поради големиот број на борци и жртви во Втората светска војна, во 1975 година градот го добил орденот “народен херој” и оттогаш е познат како “град херој”. Слободарскиот дух е вткаен  во моштите на загинатите на Могилата на непобедените.

Денес Прилеп е силен економски и просперитетен град во кој демократијата секојдневно зрее, а социјалната сигурност и повисокиот животен стандард се императив за локалната власт, поткрепена со поддршката од Владата.  

Loading