“Илинденските традиции и ВМРО се темелите за проектирање на македонската национална држава. Илинденските традиции доминираа и во Втората светска војна, кај борците. Тука се принципите на создавањето на македонската самостојна национална држава. Дури и органите на КМП и на власта првин се викале комитети, после добија комунистичка номенклатура”.
Ова го изјави професор д-р Михајло Миновски на трибината по повод 110 годишнината од прилепскиот подвижен конгрес на битолскиот револуционерен округ на ВМРО во 1904 година, организирана од Друштвото за наука и уметност, а по повод 23 Октомври, празникот на Македонската револуционерна борба.
Според него, во времето на Илинденското востание се создаде илинденска свест кај македонскиот народ дека тој може со сопствени сили да се избори за самостојна, своја држава.
– Токму тие принципи направија таканаречено македонизирање на свеста. Не случајно кога се работи за национални интереси, народот е чувствителен и секогаш дава поддршка. Ако тоа е комбинирано со соодветни економски политики, тогаш е уште посилна таа поддршка. Народот уште е оптоварен со минатото, заради многу негирања, оспорувања од соседите. Тој секогаш ќе биде национално определен, оти сака да ја одбрани сопствената држава, оти чувствува загрозеност, било од интересите на европските големи сили, било од соседите кои оспоруваат име, нација, народ, јазик, дури и државата – рече Миновски.
На стручното предавање се осветлија нови моменти за најголемиот настан по Илинденското востание.
– Конгресот траел околу 15 дена низ повеќе села низ прилепско. Бил подвижен, оти во тој период населението било многу осиромашено и за да не биде на товар едно населено место за сместување, исхрана и обезбедување. Домаќин бил војводата Петар Ацев. Властите знаеле дека тука биле водечките луѓе на ВМРО, Дамјан Груев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, но не презеле мерки за да не ги вознемируваат големите сили, заинтересирани за Балакнот – вели Миновски.
Според неговите анализи организацијата се нашла пред раскрсница, да крои нова стратегија за борбата за самостојност и државност.
– Биле третирани начините за водење на борбата и на раководењето. Се барал нов пристап. Се донесол акт на Пере Тошев за демократизација на организацијата и за регулирање на прашањата на градските комитети. Тоа било пресвртница во дејствувањето на ВМРО – истакна Миновски.
Прилепскиот револуционерен округ бил најслабо вооружен пред востанието, а со најголемо револуционерно население.
– Се поставило прашањето за одговорност. Дамјан Груев пресекол дека востаниците не биле победени со оглед на распложението, растечките симпатии и приврзаност на населението кон ВМРО, покрај турските одмазди со опожарување, терор и грабежи. Груев влијаел на задржувањето на владеачкиот систем, а Пере Тошев, Ѓорѓи Пешков и Христо Узунов биле за нов конгрес за определување на насоките за функционирање на организацијата. Односно утврдување на стратегија за дејствување во повостанички услови со морално обновување на организацијата – појасни Миновски.
Како најавторитетни личности, Ѓорче Петров, Дамјан Груев и Пере Тоше привремено го презеле раководењето, едниот во солунскиот, другиот во скопскиот, третиот во битолскиот округ.