БИЗНИС ОД ЦВЕЌЕ

Гарден корнер

Zaljubeni vo  cvetovite - ortacite od Garden kornerМладите Дејан Талески и Никола Дамјаноски пионери се во производство на сезонско саксиско цвеќе. Од љубов  кон цветовите се родила идејата за расадникот Гарден Корнер. Квалитетот им е на прво место и затоа им се трошат ко алва.

Станува збор за сезонско саксиско цвеќе со производство во три сезони годишно. Располагаат и со растенија кои се садат директно на земја, за жардињери, за сончеви и сенковити простори. Императив им е да го отстранат тоа што не чини, а да го негуваат и да го понудат само најквалитетното. Цвеќињата ги одгледуваат, небаре свои цветни “деца”.

Пред околу 4 години, Дејан експериментирал со градинарски расад – зеленчук, а потоа и со трговија на готово цвеќе увезено од странство. Поради неквалитетот, му текнало да произведува свои, според меракот на муштериите. Никола се приклучил, оти му требало работа, а на Дејан помош. Заедно, партнерски, работат, а и малку по “роднинска” линија. Двајцата се производители на цвеќе во сопствен расадник од 100 квадрати, плус ‘ртилиште во селото Славеј. Цветовите  ги создаваат од увезено семе од Германија, Америка и дел од готов расад. Соработуваат и со израелска фирма. Првата година имале опити, зеле дел од материјалот, да ги видат резултатите, што можат да постигнат. Семињата се соодветни на климатските прилики на нашите простори, да ги трпат нашите зими и лета, високите и ниските температури.

Бизнисот го тргнале со сопствени средства. Растенијата бараат грижа 12 месеци, од сеење до цветови. Одржуваат константни температури – загреваат и разладуваат. Вршат постојан надзор, зашто без заштита и контрола постои опасност растенијата да овенат или да се заразат. А и поспоро напредуваат. Цветовите виреат во тресет, специјална почва за цвеќиња, од Германија. Се прихрануваат со специјални ѓубрива. Се наводнуваат некогаш и по 2-3 пати, па се оросуваат. Им прават и стресови да ги подготват за она што ги чека “надвор”.

– Почнав сам, од љубов… Една година се произведуваше опитно. Се научив претежно од литература, со прашување овде – онде и градев искуство. Производството бара посветеност, многу време и трпение. Од утро знам за што се будам. Имам силен мотив да се успее. Задоволството и бизнисот се во едно. Слободното време се користи за надградба, оти нон стоп има новини и нужно е следење на трендовите, боите на растенија. Првата сезона е зимско-пролетната пред Осми март. Одгледуваме примула, циклама, цинерарија, раникулус, растенија кои се чуваат надвор, трпат студ. Тоа се цветови за создавање на  раскошен дом. И шарен, до лето. После е летната програма, со сите петунии, ползавци, каскади, парковско цвеќе, цвеќе наменето за на земја, саксиско, балконско… Ново растение од лани е нова гвинеа. Тоа е еден вид вкрстување на импакијас. Завршуваме со есенската програма – вели Талески.

Ортакот Никола ги открива тајните на цвеќарството преку Дејан, оти тој е стручнакот со знаење и искуство.

– На крајот од паметот не ми идеше дека ќе одгледувам цвеќиња. Ете, ми стана задоволство. Цвеќето е лек и терапија за нервоза. Колку човек да е ифрит, исчезнува сé во пластеникот. Таму е рајот на душата, кој предизвикува радост – објаснува Дамјаноски.

Двајцата се оптимисти, оти често се во пластеникот од пет до 23 ноќе.

– Предизвик е да се произведе квалитетно растение. Најтешко е ‘ртењето на семето. Тогаш нема спиење, шетање, туку постојана присутност. Со ѕвонче и термометар околу гуша – вели Дејан.

Продажбата ја вршат на пазар. Размислуват за изложбен салон со зголемувањето на производството. Нудат и услуги за уредување на домашни паркови по принципот раката бесплатна, ако цвеќето е набавено од кај нив. На муштериите им стојат на располагање за совети.

 Цените се од 25 од расад до 250-300 денари за израснато растение во тврда пластика. Излегуваат на крај со различните вкусови на муштериите, опфаќаат огромна палета на бои, на растенија, следејќи ги трендовите.

Државни пари за цвеќарство

Државата им помогнала со средства за самовработување во  вид на репроматеријали. Планираат проширување на пластеникот со метална оранжерија од 150 квадрати. Сакаат да инсталираат современо загревање и наводнување.

Нежни мажи за цвеќе

– Има доста мажи кои се страстни љубители за одгледување на цвеќиња. Особено помлади, а постарите уште имаат стереотипи. Цвеќето се купува за да се одгледа со љубов и не може да се остави само на себе – вели Никола.

Loading