ВОЛК ГИ КУРТУЛИЛ ОД ДУЛИЈА

Toalet e kukarkata na duledzijataНа секој влез од градот пред педеесетина години имало куќарки за дулија. Иако е претворено во тоалет на сегашните сопственици, објектчето од неколку квадрати од плитари закрпено со цигли се инаети на времето на раскрсницата на улиците “Александар Македонски” и “Трајко Николоски”.

Селаните плаќале такса, дулија, кога доаѓале во сабота да продаваат стоки на пазар. Според Томе Велјаноски од селото Марул, имало цени за влез со магариња, со коњи и со запрежни коли. Дулеџијата давал белешка. Влезницата се чувала за потврда, оти понекогаш имало проверка, да не се прават пријателски пропусти меѓу пазарџиите и дулеџијата.

– Едно утро, во пазарен ден, летото 1954 година, со татко ми со воловската кола одевме на пазар во Прилеп. Полските пазарџии, од под фабриката Партизанка, уште неизградена, забркале волк, кој се исплашил и го фатил патот право кај дулијата. Ама успеал да побегне низ фабриката за момирок, сегашната Еурокомпозит. Запрегата и товарниот добиток со стока за на пазар се вознемири од миризбата на волкот, па почна да скока, да рипа, дури некои арабаџиски коли се превртија, а коњите заедно со колите заминаа со бодинање по битолско џаде в град. И добитокот за продавање ги искина огламниците и замина назад за дома. Метежот пред дулијата се претвори во смеа со себап со волкот. Селаните дента куртулија од плаќање дулија – се сеќава Томе Велјаноски од Гетеборг.

Кај местото за дулија понекогаш имало недоразбирања. Некој немал пари, некој имал покрупни, немал ситни, некои позајмувале. Често имало расправии, и физички пресметки, на кои ставала ред полицијата.                        

Loading