НА НЕЈЗИНА СВИРКА ИГРАА ГРКИНКИ

Фудбал: Ирена Велевачкоска напредува во судиската кариера,

Турнирот беше на Фарски Острови

So asistentkite na Farski Ostrovi - Irena VelevackoskaДодека фудбалот на клупски план се обидува да се крене од падот, судиите се претставниците кои го обелуваат образот. По Горан Спиркоски, на пат за добра меѓународна кариера е Ирена Велевачкоска. Откако пролетоска имаше позитивни оценки за дебитантскиот турнир во Литванија, доби покана на квалификациите за Европско до 17 години, каде покрај домаќинот настапија Норвешка, Италија и Грција.

– Беше напорно, десетина дена. Двапати бев главна судијка, еднаш четврта. Помина се во најдобар ред и верувам пак во добри оценки, услов за натамошен пробив – вели Велевачкоска.

Првиот меч како четврта судијка беше како порачан за загревање, бидејќи Италија со високи 4-0 ја совлада селекцијата на Фарските Острови. На вториот беше главен арбитар и овозможи регуларност при триумфот на Норвешка со идентични 4-0 врз домашниот тим на Фарски Острови. На поразениот состав додели два жолти картона. Имаше мошне чиста игра и затоа досуди по 10 прекршоци на двете страни. Следеше интересен меч Грција – Фарски Острови.

– Веројатно сум прв судија од Македонија на натпревар каде настапува Грција. Мечот добро помина, без картони. Гркинките победија со 3-0, но се пласираа претпоследни на табелата, под Италија и Норвешка – резимира Велевачкоска.

Нема пауза и одмор. Веќе е во Скопје на осумдневниот квалификациски турнир за Европско до 17 години. Покрај Македонија учествуваат Данска, Турција и Казахстан, а меѓу делегираните судијки со знакот на ФИФА е Ирена Велевачкоска.

Подготовка со снимки

Судењето во три – четири ранга бара темелна подготовка. Велевачкоска се труди да биде во тренд, како странските колешки.

– Редовно тренирам на кај Базенот. Одржувам физичката подготвеност според ФФМ и УЕФА барањата. Пред секој меѓународен настап посилно се подготвувам да ги издржам сите напори. Посветувам внимание и на теоријата, низ гледање снимки. Разменувам искуства со колегите за повеќе да се надоградувам со знаење и искуство – истакнува Велевачкоска.      

Loading