АЛКА ШТО НЕДОСТАСУВАШЕ

Ракомет: Есенва има голем интерес од публиката

Прилеп настапува пред преполна трибина

Moment od mecot Prilep - Metalurg 2Малку убави работи се во прилепскиот спорт, а есенва за одбележување е враќањето на машкиот ракомет преку РК Прилеп. Спортот, многу сакан со децении, доаѓа до ниво на привлекување на  публиката, која е најпрецизно мерило. Гледачите се показател дали нешто крупно е направено, а есенва се игра пред полна трибина во салата “Ричко”. Капацитетот е 400, во записникот пишува 700, а медиумите проценуваат близу 800 гледачи.

– Прекрасна е салата кога е исполнета до последното место. Прилеп заслужува, оти е еден од најракометните градови – изјави Александар Јовиќ, тренер на Металург 2.

– Публиката е наш поддржувач. Со неа успеваме – рече Боро Чурлевски, стратег на Прилеп.

Како на стартот со Охрид, убава атмосфера и со Металург 2. Понесени од навивачите, домашните стигнаа до триумф од 29-28, прв есенва. Лидерот загуби неизвесен меч, каде три бода не гарантираа ниту водство од четири разлика. Одлуката падна во финишот, кога и по неискористен седмерец, Прилеп поведе два разлика и на крајот само ја сочува предноста за аплаузи од трибината.

– Одлучи одбраната и другарството. Покажавме дека можеме да гинеме еден за друг. Треба да нé краси низ цела сезона. Имаме пропусти, со двајца играчи повеќе, не го дотолчивме ривалот, туку го вративме во живот. Затоа нема кревање во облаци. Поодговорно ќе го сфаќаме нападот за да одиме во прогрес – порача Чурлевски.

Mnogubrojnata publika vo salata RickoСите заинтересирани да го следат мечот в сабота (19 ч.) дома со Преспа. Пожелно е навреме да се фати место на трибината. Прилеп тежнее втора победа и со новите бодови  да се приближи до водечките. Ресенци се солиден тим.

– Лигата е изедначена. Секој може да изненади. Само вложен максимум, раѓа победа – истакнува Чурлевски.

Прилеп настапува со Божиновски, Михајлоски, Ангеловски, Петкоски, Тодороски, Бозароски, Локвенец, Јанески, Велески, Ѓорѓиески, Трајкоски, Мојсоски, Стефаноски, Спасески, Талевски и Цветкоски.

Предугра

В сабота (18 ч.) е првиот меч дома со Вардар на женскиот суперлигаш Жито Прилеп. Претходно младиот состав двапати гостуваше и загуби 46-11 од Вардар СЦБТ и 29-18 од Пелистер.

Loading