“ПОКРОВ, БДЕНИЕ – ЗАШТИТА НА ЧЕСНИТЕ…”

Осум години се крева сонуван храм кај месноста Кула

Црквата е стандардна планска градба, голема 10 на 7 метри, а висока 12 метри

Stamnena e crkvata Pokrov na Presveta BogorodicaГрациозно се извишила, три километри од градот, на патот за селото Прилепец, кај месноста Кула, црквата “Покров на Пресвета Богородица”. Стамено е стегната од камен, опкружена со зеленило. Во близина е имотот на Добрила Мирческа. Таа сонила необичен сон. Во 80 квадратна специфична градба, намерници да здивнат, да најдат мир во божји храм во чест на Богородица. Се инаети на манастирскиот комплекс над селото Прилепец.

– Од темел ја градеа татко ми и братучеда ми пред 12 години. Болеста ја наваса и остави аманет да ја доградиме. Веруваше во Бог. Почина задоволна, зашто виде кренат Божји храм четири метри… Планираме и манастирски комплекс, уреден и со реквизити за деца, да привлече разни генерации – велат потомците на Мирческа.

Три години со стандардно темпо, од пет часот наутро доаѓале да подигнат дел од Божјиот дом.

– Се отепавме од работа три “крвави” години. Кубици камен ставивме во темелите, мермер, цигли… Сé е носено на рака или со количка по горештини, кога каменот пукаше. Даде Господ сила, макотрпно го направивме. Сега нешто нé влече. Одвај чекам да дојдам, да ставам “камче” на црквата за народот – вели Коле Спиркоски.

Во градбата помогнале неколку фирми, дел граѓани самоиницијативно. Благодарни му се на Здравко Петрески – Грнето, Теракота, Тутунски, Прилепската пиварница, а скопска фирма им издупчила бунар.

– Градевме со брат ми и двајца мајстори. Без помош во работна рака. Благослов даде Владиката, кој присуствуваше на поставување на темелите и крстот – кажуваат Спиркоски.

Фасадата на црквата е специфична, од кршен камен, травертин.

– Очекуваме помош. Иконостасот го делка копаничар. Ќе се нацртаат големите икони – рече Коле.

Внатрешното “китење” на гламурозната “убавица” со стандардна става, но интересна “круна” – покрив, бара поддршка од сите кои сакаат да “вградат” душа во храмот. Иако ѕидовите зјаат празни и чекаат за иконосписание, вграден е светиот дух, со идејата да се изѕида здание и Божјо величие.

– Се одржувале литургии на Свети Трифун, во мај кога е почната црквата и во октомври на “Покров на Пресвета Богородица”. Иконата на Богородица, сместена во кутија, поставена до пространите влезни скали во храмот е знак за храмот.

Црква со исто име има и во Водоча – Струмичко, која функционира и како терапевтски центар за болни од зависност, покрај одржувањето на духовното.

Легенди

Во некој дуќан пред икона од Богородица мноштво народ палеле свеќи и се молеле за мир. Земјата се затресла и почнал дуќанот да се урива. Потрчал мајсторот и успеал да извлече две деца, останати внатре. Рекле, дека солзите и молитвата до Пресвета Богородица им помогнала. Молејќи се, од иконата се раширил покрив над нив, кој ги задржал и гредите и камењата кои паѓале.

Друга приказна, вели, дека на бдение во Богородична црква во Цариград, се појавила жена со омоформ на рацете. Тоа било платно, облека, со која го покривала и закрилувала народот. Облечена била во блескава златна облека и опкружена со луѓе, меѓу кои и светци.

Loading