ПРОБЛЕМИ СО СТРШЕНОТ

ivce1Азискиот стршен е навистина опасен. Може да создаде големи проблеми. Но, еве, тој создаде и јазични проблеми. Неговото, евентуално, присуство стана актуелна тема. На една од нашите телевизии разговараат новинарката и еден доктор. Новинарката бара веродостојно мислење од докторот. Постојано го повторува зборот СТРШЛЕН. А зошто СТРШЛЕН? Тој, како и нашиот домашен, си е едноставно СТРШЕН. Можеби некаде, во некои локални говори го викаат и СТРШЛЕН, некаде го викаат СТРШЕЛ, но нормата е СТРШЕН. Најверојатно, како и во многу други случаи, новинарката се поведува по тоа што таа именка во српскиот јазик гласи СТРШЉЕН.

Докторот, објаснувајќи надолго и нашироко, вели дека климатските промени му ПОГОДУВАЛЕ на азискиот стршен да се пресели и во нашиве краишта. Оваа грешка одамна не бевме ја слушнале, некогаш беше почеста. Што значи тоа – ПОГОДУВАЛЕ ?! Дали му е овде местото на тој збор? Се разбира дека не. Може да погодува оној што гаѓа нешто. Да речеме, дека некои стрелци гаѓаат со пушка. Некои ја ПОГОДУВААТ целта, некои не ја ПОГОДУВААТ. На квизовите, учесниците го ПОГОДУВААТ одговорот на поставеното прашање. Очигледно, глаголот ПОГОДУВА покажува дека некој ја ПОГОДИЛ целта, ја гаѓал и ПОГОДИЛ. А што сакаше да каже докторот кога вели дека климатските услови му ПОГОДУВАЛЕ за преселување на стршенот? Очигледно е дека на стршенот му ОДГОВАРАЛЕ условите, му ГОДЕЛЕ. Му било МОЖНО, му било ЗГОДНО да дојде. Може да се употреби и некој друг збор или израз. Но, ете, докторот не го ПОГОДУВА вистинскиот збор.

Споменатата новинарка не пренесува во дворот на една госпоѓа каде исто така бил пронајден мртов стршен. Таа и понатаму си го вика СТРШЛЕН и ја прашува госпоѓата како го откриле и како го усмртиле. Госпоѓата не ја крие загриженоста од присуството на овој опасен инсект, вели дека така го нашле – УТЕПАН. УТЕПАН го нашле и како таков го пријавиле. Според сето објаснување од страна на госпоѓата се гледа дека станува збор за интелигентна и образована личност. Таа зборуваше мошне убаво, на убав литературен јазик. Чудно е, зошто повеќепати го употребуваше скопскиот локализам УТЕПАН, наместо ОТЕПАН.

Новинарката не води и понатаму. Не пренесува во една работна просторија на еден пчелар. Пчеларот исто така со загриженост го објаснува дека често се случува стршните да нападнат пчели. Но овој што го видел тој бил голем колку еден палец. Ретко влегувал во просторијата во која го видел. Влегол внатре, а на стаклото забележал необично голем инсект, кој не можел да излезе. Одвај летал и бил доста истоштен. Веројатно долго време се мачел. Пчеларот вели дека зел некаква летвичка, го притиснал и така го усмртил. Загрижен е. Вели дека веројатно има и други, можеби ќе се размножуваат. Не знае дали овој е женка или МУЖЈАК. Нема потреба многу да се објаснува дека во нашиот јазик не може да биде МУЖЈАК.

Една поранешна новинарка, сега портпарол на една скопска општина, зборува нешто за невремето, за поплавите. Очигледно, има намера да критикува некого, да критикува некои кои не презеле соодветни мерки за избегнување на последиците. Како резултат на тоа во поплавените домови не можело да се живее зашто ужасно мирисало на МЕМЛА. Не го погоди госпоѓата вистинскиот збор. Полесно и било да си го позајми од српскиот јазик. Кога ќе се случи поплава, кога ќе навлезе вода во куќата, подовите и ѕидовите стануваат влажни, НЕМЛИВИ, фаќаат НЕМ, а не МЕМЛА. Не само од поплава, и од постојана подземна влага ѕидовите и патосот впиваат и стануваат НЕМЛИВИ, мирисаат на НЕМ. Тоа е македонскиот збор за оваа појава.

Кај нас, во Македонија, од сите појави, од сите настани, од сите непогоди, се раѓаат непогоди и во јазикот. И убавите нешта и опасностите и непогодите, мошне често знаеме погрешно да ги именуваме.

Благоја Ивчески

Loading