НИКОГАШ ПОДОБРИ УСЛОВИ

Фудбал: Стартуваше Спортската академија

Со 26 млади фудбалери работат Наумоски и Кебакоски

Sovladuvaat elementi - clenovite na AkademijataТрета недела работи Спортската академија со фудбалска паралелка раководена од Тони Наумоски и асистентот Дејан Кебакоски.  Една е од осумте во земјава, покрај Скопје, Битола, Охрид, Гостивар, Струмица, Штип и Велес. На четиригодишна обука се 14-15 годишни 24 момчиња и две девојчиња, избрани на тестови од страна на селекторите на ФФМ. Тренираат секој работен ден на игралиштето кај некогашната Зоолошка.

– Имаме на секоја позиција по двајца. Моментно имаат недостатоци технички, тактички, но после првата година, ќе дојдат видливите резултати. Се надевам седум – осум деца да бидат подготвени за Прва лига, а и четири да излезат од една генерација е успех. Многу зависи од нив. Досега задоволен сум. Спроведуваме програма на УЕФА, со техника, тактика, поставување на игра, позиции, сé што треба за да станат фудбалери – вели Наумоски.

На прекрасниот терен секоја среда е предвиден дуел против тим од друга Академија, а за викенд секој од играчите настапува за својот клуб. Прилеп е регионален центар, кој ги опфаќа Кавадарци и Неготино, така што играчите се од три клуба Победа, Тиквеш и Вардар. Девојчињата играат за екипата од Битола. Сите се редовни на тренинзите, дисциплинирани и ги извршуваат задачите. Нема никаков проблем, зошто тренираат во услови какви поранешните генерации сонувале. Одличен терен со вештачка подлога, првокласни топки, фудбалери, дотерани во нова, убава опрема, сé што е потребно. Првпат нашите таленти имаат услови како врсниците од западните држави.

– Вакви услови секој би посакал. За поздравување е ова што го направија Локалната и ФФМ. Идеално. Со задоволство се работи замисленото и стоотсто се исполнува. Нема барање и бркање на топката. Час ипол минува ефективно. Порано беше друго, голови немаше исправни, без мрежи, терен нерамен… Сега е лесно, како е упатена топката, така оди. Тренинзи со додавање, шутирање, да ти е мерак да работиш и да гледаш – истакнува Наумоски.

Како математика, историја, географија, и фудбалот е предмет и децата се трудат да совладаат сé што е предвидено. На крајот од школската година ќе има оценки за секој член на Академијата.

Свечено пуштање

Според најавите Игралиштето кај Зоолошката е пред официјално пуштање во употреба на свечен начин. Привршуваат последните работи околу соблекувалните. Сé друго е одамна готово. Има и четири високи рефлектори со кои се овозможуваат тренинзи и мечеви во вечерни термини.

Loading