СВЕТСКАТА ЕЛИТА НА СОБИР

Моделарство: Трофеј на Прилеп и Македонија куп

Ќе учествуваат 118 натпреварувачи од 15 држави

Megjunaroden kvantitet i kvalitet - ucesnik od HrvatskaВикендов на Спортскиот аеродром кај Мало Коњари третпат се одржуваат врвни меѓународни натпревари, светските купови во воздухопловно моделарство “Прилеп куп – Трофеј на Прилеп” и “Македонија куп”. Се собира квалитет од највисоко ниво или светската елита од овој спорт. Поставен е рекорд по бројност, бидејќи во битка за медали во пет категории пријавени се 118 натпреварувачи од 15 држави. Меѓу нив се светски и европски шампиони, најдобрите од серијата светски купови.

Во категоријата едрилици (Ф-1-А) на дело ќе ги видиме првопласираниот Јама Даниер од Канада, вториот Роланд Коглот од Словенија и четвртиот Михаил Косоношкин од Русија. Кај јуниорите интересна е борбата за првото место меѓу двајца Словенци, Јернеј Јурхар и Лука Битежник, а за пласман на петтото место шанса имаат нашите Небојша Стошиќ и Дејан Алексов од Кавадарци, како и Бојан Димески од Прилеп. Во класата на гуменици (Ф-1-Б) допатуваа петмина најсериозни кандидати за медали: Евгениј Горбан од Украина, Исмет Јуртсевен од Турција, Светозар Гостоиќ и Радое Благоевиќ од Србија, Анатоли Рибченков од Русија. Своја шанса за искачување на пиедесталот гледаат уште двајца: Александар Шелепов, натурализиран Русин од Црна Гора и Роландас Макус од Литванија. Овде напредуваме и ние. За разлика од порано кога бевме претставени со еден, сега се четворица Македонци, а предводник е Аљоша Анастасов од Скопје. Кај јуниорите вниманието е врз Бојан Гостоиќ од Србија, кој е во предност пред Кацпер Лукашевич од Полска.

 Интересна е категоријата модели со клипен мотор – качувачи (Ф-1-Ц), каде се соочуваат 14 моделари од врвот на светската листа. Составен дел од двата натпреварувачки дена е европскиот “Еурочеленџ куп” во едрилици со помала површина (Ф-1-Х) со пријавени 15 учесници.

Големи придобивки

Организацијата на врвните натпревари е голема придобивка. Доаѓањето на најдобрите од светот е искуство, осознавање на нови материјали, технологии, електроники и сé што содржат овие дисциплини кои со себе ја носат науката за аеродинамиката, конструкциите и иновациите.

– Пред нас е одговорноста и задачата за беспрекорна организација, стручност и максимална грижа за учесниците – вели директорот Здравко Тодороски.

Loading