ПРИНУДНА НАПЛАТА НА “ЗАБОРАВЕНИТЕ”

Се заострува наплатата на даноците

– Неплатени лански давачаки за локалниот буџет се околу 15 милиони денари

boskoЗа да се доведат во еднаква положба граѓаните кои редовно и навремено ги плаќаат давачките на име локални даноци, одделението за администрирање на приходи наскоро ќе ги дисциплинира со принудни наплати граѓаните, кои од лани или повеќе години наназадне ги измириле обврските. Упатени се опомени за плаќање на давачките на име данок на имот и комунална такса, таканаречена фирмарина за компаниите.

– Даночните обврзници нужно е да се доведат во ист ранг. Да нема привилигирани. Затоа, оние кои не плаќат, првин им се упатуваат опомени. Ако не се одѕиват, се блокираат трансакциските и жиро сметките. За блокадата и за деблокадата, банките наплаќаат трошок, кој не е мал. Трошоците за присилната наплата паѓаат на товар на граѓаните, освен што нема да биде засметана камата. Не е добро да се плаќаат непотребно повеќе трошоци, туку “заборавените” да ја искористат последната шанса и да ги измират обврските од лани. Граѓаните кои не ги платиле годинешните такси можно е тоа да го направат до крајот на годинава, и со електронски картички на постерминалите во просториите на одделението. – вели Бошко Талески, раководител на одделението за админитрирање на приходи.

Според него, заостанати се околу 15 милиони денари, кои главно се однесуваат на фирмите, од кои дел се ликвидирани и тешко ќе може да се наплатат обврските на име локални давачки, односно фирмарина.

Инаку, давачките на име данок на имот се познати, непроменети и најниски во земјава. За првиот стан, каде се живее, стапката е 0,05 отсто од проценетата вредност според утврдената методологија и 0,1 отсто за вториот стан, кој не е адреса на живеалиште во личната карта.

Талески досега е задоволен од приливите и од одговорноста на граѓаните. Од предвидените 100 милиони денари, во локалниот буџет се прибрани околу 60 милиони по основ на локални даноци, такси и придонеси. Тоа е директна иницијатива за инфраструктурни зафати што ги прави локалната самоуправа, дали во делот на подобрувањето на постојната инфраструктура или во изградба.

– Очекуваме засилен интензитет на плаќања со оглед на тоа што овие обврски се до крајот на годинава. Очекуваме да го оствариме планираното од околу 85-90 отсто. Последниот квартал значително е дарежлив со оглед на културата на граѓаните. Плус дополнителни резерви од заостанатите приходи од изминатите години. Со долгорочна стратегија, низ разни мерки и политики, подигната е даночната свест и совест, односно изграден е квалитетен даночен амбиент на доверба. Поради тоа, од година во година се зголемуваат приходите, а даночните стапки се минимални и непроменети од 2009 година. Малите давачки се поддршка на бизнис секторот, дел од средствата да ги насочуваат во развој, а на граѓаните да им се олесни животот – вели Талески.

Најголем извор на буџетот од околу 40 милиони денари е данокот на имот на физичките и правните лица, потоа комуналната такса или  околу 22 милиони денари, приходи од трансфери на недвижности помеѓу физичките и правните лица, се проектирани околу 30 милиони денари и околу 2 милиони денари од данокот за наследство и подарок. Плус такси за истакнување на деловен простор, користење на проделовен простор за витрини, реклами и огласи. Локалната самоуправа проектирала, по овие основи, да се приберат околу 100 милиони денари.

 Во Прилеп се регистрирани околу 24 илјади даночни обврзници, од кои 4000 се правни лица.

Наследниците плаќаат стар данок

Ако оставител, поради смрт не го платил данокот на имот, неговите наследници ќе го сервисираат долгот во процесот на распределба на имотот, бидејќи стекнуваат права врз наследениот имот со обврска кон единицата на локалната самоуправа.

Крупни реформи

Во одделението се направени крупни реформи, комплетно отворање, комуникација и транспарентност. Воведена е електронска архива, електронска даночна пријава, електронски увид во секоја одделна даночна картичка. Даночните обврзници од дома, 24 часа, можат да видат преку интернет колкав е нивниот долг, на која основа е, па и од дома да го платат електронски.

Локалните даночници имаат предвидено средби и контакти со физичките лица и бизнисмените во урбаните заедници. 

Loading