Двете КУД на пензионерите, “Пенка Котеска” и “Пензионер”, кои негуваат македонски песни и ора, утре ќе го претстават богатиот македонски фолклор и дарба за песна меѓу “колегите” во престолнината на Словенија, Љубљана. Околу 50 учесници ќе заиграат и запеат дел од раскошниот мелос на фестивалот “За трета животна доба”. Тие ќе настапат меѓу гостите од Австрија, Италија, Хрватска и домаќините.
Претседателот Кирил Ѓорѓиоски вели дека достојно ќе го афирмираат фолклорниот раскош на Македонија.
– Се подготвувавме двапати неделно. “Пенизонер” ќе ги пее “Јовано, Јованке”, “Миле Поп Јорданов”…, а “Пенка Котеска” ќе ги исполни изворните песни, “Моме оди на вода”, “Река гази малој моме”… Автентичноста ќе се долови и со заедничките ора “Невестинското” и “Пуштеното” – вели претседателот на комисијата за култура Блаже Спиркоски.
Средбата ќе биде можност и за дебата за функционирањето на здруженијата на пензионери и соработката со локалната власт преку меморандумот за соработка со асоцијацијата на општините. Се очекуваат и разговори за законите за пензионерските организирања во двете земји.