Дора Јованоска прави мозаици
И додека нејзините врсници безгрижно уживаа во летниот распус, дел од одморот Дора Јованоска го мина работно правејќи мозаици од камен. Не е првпат 11-годишното девојче дел од летните жеги да ги мине во кругот на фабриката “Крин КГ” и да другарува со каменот. Ни помалку, ни повеќе веќе четврта година младата Дора застанува рамо до рамо со останатите учесници на колонијата “Прилепски кринови”, кои имаат богато уметничко CV. Не ја плаши ниту големата бучава во фабричкиот погон, ниту пак огромните облаци прашина кои се креваат при машинската обработка на каменот.
Нејзиното хоби е интересно, ја исполнува и не ја измачува. Создава мозаици, редејќи камчиња со различна големина и боја. Соодветно на нејзината возраст и размислувања, креира слики од нејзиниот свет. Интересот и креативноста се разбудиле пред четири години, кога првпат се сретнала со овој тип ликовни дела.
– За мозаиците се заинтересирав кога видов како се изработуваат на колонијата “Прилепски кринови”. Бев воодушевена како се редат камчињата и посакав да научам. Тоа задоволство ми го овозможија Александра и останатите уметници кои беа дел од колонијата. Забавно е да се редат камчињата, различни по големина и боја, да се креира своја приказна. Најпрво изработив еден, па уште еден, и така продолжив – раскажува Дора.
Да се прави мозаик значи на каменот да му се даде топлина, да му се даде душа. Од џиновски грамади студен минерал, се распрскуваат ситни парченца од кои понатаму треба да се создаде слика, да се формира претстава од разнобојните камчиња кои потоа заличуваат и се “смеат”. Треба да се знае како се држи и алатот со кој се прават ситни парчиња, да се постави секое наредно, по височина и дебелина, да биде идентично со претходното. Потребна е умешност на “делкање” на камчињата, а потоа и нивно прицврстување за подлогата, синхронизирање по боја за да го дадат потребниот лик замислен во главата на авторот.
Засега Дора преку мозаиците претставува детски мотиви.
– Претежно тоа се претстави на диви животни – жирафи, зајачиња, пауни – додава младата мозаичарка.
Досега изработила пет мозаици со различна големина кои беа составен дел на изложбата на камената колонија “Прилепски кринови” во ЦК “Марко Цепенков”.
Ова надарено девојче за уметност кое ужива на часовите по ликовно образование, подеднакво има голем интерес за изучување и на останатите предмети, особено на англискиот јазик и на математиката. Таа е ученичка во шесто одделение во ОУ “Кире Гаврилоски”.