ИЗМАМЕНА ПАСТРМКА ОД 6,5 КИЛОГРАМИ

Trofeen ulov na GudeskiНајмудрата риба, пастрмката, и тоа во огромни големини од шест ипол килограми, се фати на мамецот на нашиот риболовец Јане Гудески. Пастрмката е уловена на вливот на реката Треска во езерото Козјак. Гудески вели дека, покрај  реткиот примерок, фатил уште неколку помали од по килограм и повеќе.

– Не е чудно. Водите на езерото кријат огромни примероци пастрмки, и поголеми од десет килограми. Ја фатив со вештачки мамец, воблер. Се борев петнаесетина минути да ја скротам дивата риба. Со конец од 0,25 мм., ја доведов до чамецот. Возбудлива беше битката, оти е борбен грабливец. Тешко се предава и дава силен отпор. Скока, бега лево-десно, се брани, влече моќно и може да го изгризе конецот со забите. Кога се доближи, мојот пријател Блаже Пацаноски лесно ја внесе до мрежичката – вели Гудески.

Гудески е страстен риболовец. Фатил и поголеми примероци други видови риби на други води. Куриозитет е што станува збор за трофејна пастрмка, која ретко достигнува џиновски големини.

Loading