МАГИЧНИОТ СВЕТ НА ПРВАЧИЊАТА

“Брзај, брзај прваче кон школскиот двор,

те чека учителка со мајчински збор”.

Тоа е дел од новиот свет за најмалите. Дотерани како за некоја посебна свеченост, а така кревки и исплашени палавковци, чиниш одвај го допираат подот со своите стапала, љубопитно ѕиркаат седнати во училишните клупи. Од 1 септември училишното ѕвонче го огласи нивното зачекорување во школските води. Има посебна магија да си прваче. Восхит за сечие уво, мамат насмевки, греат сечие срце, е тоа се првачињата.

Иако само што почнале и сé им е ново и непознато, веднаш песнички научиле. Екипата на “Зенит” беше пречекана од првачињата во ОУ “Блаже Конески” и во ОУ “Климент Охридски” со “хорските” изведби на штотуку научените први песнички, “Прваче”, “Училница”, “Коњче”. Им постави прашања поврзани со училиштето, а тие “се испотепаа” кој попрво да каже нешто. Потскокнуваа од радост, пуштајќи го нивниот милозвучен детски глас и ширејќи позитивна енергија.

ОУ “Блаже Конески

Ѕвонче за дома

Prvacinja vo OU ,,Blaze Koneski,,Местото за учење деца, училница се вика, бела е и чиста. Во неа си имаме многу нешта ние, ајде сега дечиња да ги наброиме: маса, клупа, столчиња, табла, сунгер, креда и прозорци чисти од каде се гледа.

Ова се дел од првите впечатоци од училишните клупи.

– Ѕвонче чука за дома. Учевме песна за коњчето што оди на училиште и расказот Мравката во училиштето – Леонид Нешкоски, кој ја изрецитира и првата песничка што ја научил во школо “Прваче”.

– Наставничката е за да ме учи – Матеја.

– Имам многу другарчиња нови. Тука сме за да учиме – Михаил Мицески.

– Сакам учителката да ме научи да читам – Јана Пирганоска.

– Книга е една голема за читање, за да работиме – Теодор Героски.

– Првачето оди на училиште – Михаил Велјаноски.

– По математика учевме броеви од 1 до 20 – Марија Димоска.

– Научив да бројам до 20 – Давид.

Сите едногласно извикаа дека е убаво да одат да училиште и ветија дека многу ќе учат и петки ќе редат.

ОУ “Климент Охридски”

Си играме и јадеме на одмор

Prvacinja vo OU kliment  Ohridski– Сега сме во училиште. Ги учевме броевите до 10. Ја учевме и приказната за Лошото дете. На училиште одиме за да научиме, а на одморот за да си играме – Марија.

– Ѕвончето огласува дека часот почнува или дека завршува и е време за големиот одмор, време за јадење – Илина.

– Училиштето е за да учиме – Стефан.

– Книга е тоа што треба да учиш, и во неа има полно работи да се научат, песнички, цртежи… – Андреа Василеска.

– Во чантата се носат книги, ќесе со боици, фломастери и јадење за на одморот – Тео.

– Убаво ми е на училиште. Многу ќе учам, многу другарчиња имам – Филип Тренкоски.

– Првачето учи, црта, кажува песнички, носи книги и петки – Давид Конески.

– Убаво ми е, цртам, песни учам, си играм со другарчиња – Петар Иваноски.

– Наставничка ни кажуваше приказна, а после и бројки – Ања Лашкоска.

– Наставничката ја слушам многу и ја сакам – Бисера Цветкоска.

– Полна ми е чантата со книги, моливи, тетратки, математики – Јорданчо Куцески.

– Станувам рано за в училиште и на тато му велам дека сум спремен – Павел Костоски.

– Учителката е добра – Дамјан Јосифоски.

– Книгата е за да пишуваш – Филип.

– Ѕвончето ѕвони да почни часот и да си одиме дома – Бобан.

– Во чантата носам сé – Леонида.

– Учиме бројки – Јована.

– Ова е училница, во неа учиме – Марија. 

Loading