Карате: Премиер лига Истанбул
Трофејот е од ката тимот на КК Ронин
Меѓу триесетина македонски учесници на Премиер лигата Карате 1 ОПЕН во Истанбул, само еден настап е крунисан со медал, бронзен. До него стигна женскиот ката тим од КК Ронин (Мишела и Маријана Димоски со Поликсенија Јованоска), предводени од тренерот – селектор Златко Димоски. Трофејот е подарок за својата држава, за празникот 8-ми Септември.
– Огромен успех. Стигнавме со победи над познатите, искусни тимови, носители на медали од светски првенства, Иран и Русија. Совладани се од, млад состав, дебитант на сениорски натпревар – презадоволен е Димоски.
Македонија во дисциплината ката сениорки ја претставуваа најмлади каратистки, 16-годишните близначки Димоски и 20-годишната Јованоска. Сепак, доволно искусни и со претходните успеси. Во јуниорска категорија сестрите во јуни се вратија од Умаг со бронзени медали од Светскиот куп, а на почетокот на годинава зедоа бронза од Европското првенство во Лисабон. Јованоска имаше бронза од Лисабон и сребро од Светското студентско првенство. Не страв, туку за нив предизвик беше присуството на најдобрите од 57 земји, меѓу кои Иран, Турција, САД, Јапонија…
– Иран го совладавме со ката Супарумпеи Годју Риу, а Русинките со ката Кусокун Шо Шито Риу. За влез во финале загубивме од Германија 2-3, а поразот е поради големото име на Германија. Тие се актуелни европски вицешампиони, а и претседателот на светската судиска комисија, пред кого полагаат судиите, е Германец – вели Димоски.
Големо е задоволството. Поразот е од фаворит, а победени се велесили. Создаден е силен и перспективен сениорски тим, кој на првиот настап направи сензација. Со овој резултат младите прилепчанки обезбедија место на Светското сениорско првенство во ноевмри, во Бремен, Германија. Претходно ги очекуваат уште Балканското сениорско првенство, кое првпат ќе биде во Охрид, како и Карате 1 Премиер Лигата во Салзбург, Австрија.