БЕЛ ДЕН ЗА “РЕПУБЛИКА МЕТЕОРИ” ОД АЛЕКСАНДАР ЦВЕТАНОСКИ

Наш Американец промовира книга во Прилеп

Sefte vo literaturata - Aleksandar Cvetanoski“Република Метеори” е романот првенец од Александар Цветаноски, издание на неделникот Зенит, што ќе биде промовиран во среда на 17 септември во 20 часот во библиотеката. Книгата ќе ја промовира писателот Братислав Димитров.

– Идејата за Република Метеори долго време ја носев во мојата глава. На моменти имав наплив на инспирација и пишував неколку дена без престан, а на моменти се случуваше да не можам да напишам ни збор со месеци. Сега гледам дека мојата инспирација некако се поклопувала со настани кои се случуваа во Македонија во изминатиов период. Книгата е мој алат со кој сакам да раскажам приказна која има неколку пораки, меѓу кои најсилната која сакам да стаса до сите нас е да пробаме да се сакаме и самопочитуваме, да мислиме со сопствените мозоци и да не потпаѓаме под туѓо влијание. На крај да издржиме, покрај сите сопки кои ни ги ставаат домашните и надворешните мршојадци. Некои од ликовите навистина постојат – вели авторот.

Александар Цветаноски по дипломирањето на Глобал бизнис универзитетот во Феникс, живее и работи во САД. Се занимава со глума и пишување кратки раскази. “Република Метеори” е прво дело со кое се претставува пред читателската публика.

Зенит продолжува со издавачката дејност, а досега се објавени повеќе книги, романи, збирки раскази и поезија. 

Loading