Ракомет: Серија пријателски мечеви
Прв ривал беше Пеќ, втор МРК Вардар
Подготовките на РК Прилеп за суперлигашката сезона се во завршна фаза. Вечерва во салата на СОУ “Ричко” е вториот контролен меч, со екипата на МРК Вардар. Во домашните редови се очекува деби на новиот голман Божиновски и повратникот Цветкоски. Претходно заиграа пивотот Когој и бекот Талевски.
Првиот тест дома со Беса од Пеќ, Косово, екипата на РК Прилеп го доби со 34-29 (18-18). Тренерот Илиески им даде шанса на сите првотимци: Трајковски, Ѓорѓиески, Стефаноски, Спасески, Н. Петрески, Локвенец, Трајкоски, Бозароски, Џ. Тодороски, Петкоски, Јанески, Велески, а најефикасен со девет гола беше Ангеловски. Гостинскиот тим беше предводен од голманот Дупјачанец и тренерот Т. Петрески.
Уште првиот тест покажа дека сериозно и успешно се одработуваат подготовките за суперлигашкиот ранг. Клубот овозможи солидни услови во градов и во Самоков, а стручниот штаб и ракометарите се оддолжуваат соодветно. Секој од првотимците дава максимум и се наметнува. Сите се потребни во тешките натпревари, во долгата сезона, каде од секого нужен е придонес. Покрај професионалниот однос, не се заборава на другарството, кое е битен фактор. Во позитивна атмосфера се чека премиерниот првенствен меч на 20 септември дома со Охрид.
Дотогаш, продолжуваат тестовите, каде, покрај домашните суперлигашки екипи, потенцијален ривал е грчкиот ПАОК.
Разбистрување
Во женскиот ракомет, покрај многу шпекулации и малку информации, на прв поглед сликата не е светла, но инволвираните тврдат дека овој спорт има перспектива. Градов ќе има свој претставник во Супер лигата и се очекува ждрепка со распоред за есенскиот дел. Останува да се види како Жито Прилеп ќе биде наследен од Таста 107, односно ЖРК Прилеп.
Подготовките се во тек.