ПЕНЗИЈА ЗА “ВТОРАТА” МАЈКА НА КАСАНДРА

Dva sebapa - Zgizuvackata dvojka, Medzit i ganimed AlieviНикогаш не работела 62 годишната Ганимед Алиова, а ќе добие државна пензија од осум илјади денари. Таа е една од неколкуте прилепчани кои ги “фаќаат”  измените на новиот закон, според кој сите невработени згрижувачи на деца или немоќни лица добиваат државен надомест од осум илјади денари до крајот на животот, оти одгледувале деца најмалку пет години. А Ганимед, не пет, туку 11 години, покрај своите четири деца, ја дарува со семејна топлина и прегратка сега веќе тинејџерката со пречки во развојот од Штип, Касандра. Со сопругот Маџит секојдневно се грижат и ја опсипуваат со родителска љубов својата миленичка од петгодишна возраст, кога со посредство на прилепскиот и штипскиот Центар за социјални работи, татко í на Касандра ја оставил кај новото семејство и никогаш повеќе не ја побарал.

– Се пријавивме да одгледуваме дете. Не само за да земаме надомест кој во годиниве се движеше од осум, па сега речиси до 14 илјади денари. Зар има такви луѓе кои ќе го свртат грбот на донесеното дете на куќниот праг со пуштени рачиња за да те гушне?! Чија е таа душа, која детето ќе го врати назад во Детскиот дом во Штип?! Морници ми поминаа низ телото. Почувствував дека е човечки да му го надоместам мајчиниот галеж, да му ги запрам солзите и да му ја ублажам болката што му го парала срцето со години. Се смееше со црните очиња. Трепереше и како да молеше да го прибереме, да стане дел од нашиот дом, да му понудиме семејни чувства. Детето си бараше мајка. Ни кажаа дека има ментални пречки, но прифативме и стана седми член од нашата куќа. Никогаш не ја делевме. Таа беше петто наше дете. Нашите се измажија, оженија, се одделија, а таа и сега си игра со едното од внучињата, иако има веќе 16 години – кажува Ганимед.

Сопружникот на Ганимет, Маџит, објаснува дека детето од ништо не било скусено.

– Секогаш е стоплено, најадено, облечено. Еднакво е на трпезата со сите други. Го носевме и во дневниот центар за деца со посебни потреби на забава и на социјализација. Ама, таму, тешко му одеше адаптирањето со другите деца. Стана малку нападно, агресивно. Затоа нé упатија да го повлечеме дома. Тргна и во специјалното училиште. По неколку дена и таму покажа знаци на насилство кај учителката. Затоа ни напишаа документ да не го носиме на училиште. Последниве години малку се закарува со комшиските деца во маалото. Ги забркува и ги кара. Сака да ги удри. Тоа и е дарот, Божји. Тоа е природа. Никој, ниту докторите, каде што сме ја носеле, не можат повеќе да í помогнат. Велат дека има пречки од 95 отсто.  Се ублажуваат недостатоците со лековите, препишани од докторите. Секојдневно ја прима терапијата според рецептите – кажува 64 годишниот Маџит.

Тој е искрен. Не крие дека детето го зеле да направат два себапа.

– И тоа требаше да се стопли, да му секнат солзите, а и нас нé фати таксират и голема мака. Ме избркаа од работа. Фирмата падна во стечај и останавме на цедило. Со парите од социјалното за детето, го гледаме и него и ги извадив на свој пат сите деца. Касандра не е оставена од ништо покусо, и денес, и пред 11 години. Над нејзе бдееме две смени. Таа без надзор не може да живее. Опасно е да се одгледува. Може да си направи белја. Ококорени ни се 24 очите да не í се стори некоја повреда, не дај Боже. Еве, ја гледаме, ја капеме, ја переме, ја пегламе, ја храниме со големо внимание да не турне нешто, да не се натури и да се попари. Ќе ја гледаме додека нé држат нозете, додека нé почне некој нас да нé гледа – кажува Маџит.

И Ганимед го дели мислењето на сопругот. Не се дава дете кренато така речи од пелени.

– Навикнати сме на неа. Таа е наша ќерка. За неа сме мајка и татко. Така нé знае. Впрочем, дека ја даруваме со родителска грижа потврдуваат контролите на екипите на социјални работници кои повремено ги проверуваат условите за живот на Касандра – вели Ганимед.

Љ.М.

Loading