КОНТИНУИРАН ЖИВОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ВИСОКА

Vlez vo dvorecot na VisokaАрхеолошката екипа предводена од магистер Дејан Кебакоски од Институтот за старословенска култура, ги заврши годинашните истражувања на Висока, каде се претпоставува дека се наоѓа дворецот на Пелагонците. При тоа пронајдени се раноантички монети, раноантичка фибула од малоазиски тип со пет задебелувања, бронзена раноантичка аплика розета, прстен – печат од бронза со претстава на жена со подигната рака, поголем број на доцно антички монети кои покажуваат дека локалитетот бил континуирано населуван од четвртиот век п.н.е. па до шести век н.е.. Со самиот факт на континуирано населување што го имал просторот се утврдува дека културните слоеви од постарите периоди се максимално девастирани, барем на истражуваниот простор. Биле пронајдени и неколку фрагменти од праисториска керамика која понатаму треба да се анализира за да се утврди на кој период му припаѓа, објаснува  Кебакоски, потенцирајќи дека ова е нов момент во истражувањата кој значително го зголемува хронолошкиот распон на користење на  локалитетот.

Ископувањата кои годинава беа дефинирани како археолошка експедиција, раскажува археологот, биле во два дела.

– Едната екипа работеше од надворешната страна на раноантичкиот бедем од акрополата поставувајќи ров од влезот кон југ.  Откривме дека деловите од раноантичкиот бедем кои се срушени со подоцнежните населувања, во оваа последната фаза на живеење на локалитетот (6 век н.е.) биле затворани, односно прикрпувани, со сувоѕид, техника на градење соодветна за шестовековните градби. Се работи за скромни ѕидови градени од ситен кршен камен поврзан со кал, техника која е неспоредлива во однос на моќниот бедем изграден во 4 век п.н.е. кој е граден со големи камени блокови. Другата екипа навлезе во внатрешноста на акрополата каде што утврдивме градби од 6 век н.е. кои беа потврдени со движни наоди – монети, керамика и врвови од стрели. Откривме дека дебелината на културниот слој е околу еден метар од рецент од карпата на која се фундираат градбите. Поради малата длабочина до карпата имавме поприлично девастиран материјал од постарите периоди. Секоја наредна фаза на живеење, па дури и обновувањата во една фаза ги уништувале претходно изградените објекти и сосема логично темелите ги поставувале на карпа – објаснува Кебакоски.

Во иднина се планира доистражување на акрополата и префрлање во подградието каде што треба да се утврди дали и во раната антика имало населување, оти има индиции дека и во тој дел има објекти од раноантичкиот период.

Инаку, локалитетот Висока, сместен на највисокиот врв на Селечка, на 1472 метри, годинава беше капитален проект за државата.

Loading