Кај Тале во “Изгрев”
– Ресторанот е кренат со парите од “баци рака”
Од “мали нозе”, Тале Трајкоски – Мариовчето тргнал да биде келнер. Кинисал по ука, по откривање на тајните на занаетот за угостител, оти му се залепил за срцето. Веќе војска отслужен, со жена в куќи, на младост, со 25 години се прекршило нешто во него. Дури да биде туѓ слуга, да биде газда на свое. Ги “грабнал” парите од “баци рака” од свадбата и отворил кафеана. Татко му се “здал”. “Мал си, немој, дете. Ќе заглавиш. Немаш искуство”.
Ама трудољубивиот Тале, а и со среќна ѕвезда, ја правел ноќта ден упорно. Диван им стоел на гостите, им ги правел сите метании за да им се пикне во душата. Полека, со ризик голем, најмил “амбиент” кај старата автобуска. Со малото искуство во кулинарство се печел ден по ден. И татко му не го оставил на цедило, оти бил професионален готвач во Мермерскиот комбинат. Му делел совети и му помагал со палење на скарата, со готвење на чорбата…, а тој ги прифаќал сугестиите.
– Од дете учев занает, првин кај Благоја Абраш, па Гоце Абраш, па во “Чин – Чин” кај Диме. Тешко се создава свој бизнис. Нема клиенти, нема средства. Ама, заиграв “комар”. Со парите од свадба, зедов дуќан под кирија. Сега е гревота да се поплачам, оти кинисав од нула и стасав до некое арно дереџе – ги објаснува Трајкоски трнливите први чекори во сопствениот бизнис.
Сменил три локации за 20 години “стаж”, но гостите не ги сменил. Тие го препознавале мирисот на скарата на Тале. Сега гости му се и децата и внуците на првите муштерии, оти никого не измамил со квалитетот, никого не изневерил со услугата. Сите ги дочекувал и испраќал со насмевка и задоволни. Секој нов дуќан му носел “фазла” муштерии. И најновата локација над катната гаража, му дошла како кец на десетка. Се преместил, оти му се “видело” како место за добар одзив на љубители на скарата. Ги исполнува желбите на муштериите. Организира помали прослави до педесетина гости. Му се редат матури, крштевки… од кажано – прекажано, од пробано – бендисано.
Во скарата скоро секаде има квалитет. Познат е градот по квалитетниот амур – месната смеса за плескавици и кебапчиња. Но, секој скараџија има свои марифети.
– Вештината е во подготовката на плескавица…, а не во кременадлата. Треба да е погоден составот на амурот и зачините… Тука е мајсторилакот за привлекување на муштерии плус, иако има силна конкуренција – вели Тале.
Во првите 6-7 години, се преродил.
– Народот сега има помалку пари. Тоа се чувствува во чаршијата. Но, нема назад, како и да е. Конкуренцијата побудува инвентивност за опстанок и успешност. Нема дремење. Бизнисот е постојана борба за докажување на подобриот во тешки времиња. Со упорност се успева и се одржува – кажува Тале .
Според него, цената не е клучна за повеќе муштерии. Ако се намали, е знак на страв.
– Поентата е да се избориш со 70 денари поквалитетен сендвич во споредба со ривалот. Лесно е да се предадеш и да ставиш клуч, ама тешко е да се бориш. Срамота е по толку години да с епредадеш и да се бара друга дејност – кажува мајсторот за скара, Тале.
Скарата кај Тале веќе четири години мириса и низ Широк сокак во Битола. Идејата му била битолчани да ја пробаат прочуената повкусна прилепска скара. Со квалитет и послаба конкуренција, полесен е пробивот.
– Не очекував толку брз и силен одзив во Битола. Им легна нашата скара и ги освои битолчани. Нема саглам уштипци, плескавици, кебапи, македонки, оти амурот таму не е по нашиот рецепт. Особено на специјалитети на жар се мераклии нашите “странци”, кои прават големи нарачки. Битолчани велат дека одат на скара кај прилепчанецот – раскажува Тале.