ПЕШ ЗА ПОКЛОНЕНИ НА КАРПАЛАК

Десет планинари од неколку планинарски асоцијации изведоа планинарски тридневен поход, кој денеска заврши со поклонување на споменикот на местото Карпалак каде пред 13 години загинаа десетмина прилепски бранители. Во знак на незаборав, водилка им беше и почитта кон паднатите борци. Минувајќи над сто километри низ шуми и планини, низ реки и долови, низ нагорнини и удолнини, стасаа до местото на последните животни мигови на десетмината. Конакувајќи две вечери во манастирски зданија, патот ги водеше од селото Ореше кај Богомила, под врвот Солунска глава на Јакупица, кон планините Караџица и Китка. Оттаму преку Треска, пред Матка, се префрлија кон местото каде што на осми август 2001 згаснаа животите на десетте родители и млади луѓе, оставајќи зад себе плач на деца, солзи на сопруги, лелеци на мајки, пискоти на сестри и браќа.

Loading