Шах
Најголем подвиг на Државното екипно првенство во Струга направи ФМ Роберт Велески со победа над ВМ Петар Арнаудов од Бугарија. Сензацијата е по неколку основи: разликата во титулите фиде со велемајстор, рејтингот 2218 со 2445, домашен играч против странско засилување и црни фигури спроти предноста на белите од фаворитот.
– Голем мотив е првата табла, а предизвик ривалот – велемајстор. Одбрав остро отворање со црни фигури. Во класична игра немав изгледи против искусен шахист. Шансата беше во борба гради в гради – вели Велески.
Прилепчанецот жртвувал два топа за подобра позиција и напад.
– Атрактивна партија и соиграчите ми честитаа – задоволен е Велески.
Тој со 3,5 поени од пет партии придонесе за 4. место на ШК Карпош, на првенството каде прв е Алкалоид, а петти заврши ШК Прилеп.