“ЛУДО И НЕЗАБОРАВНО” ЗА СТОТКА СААТ

Со тутуноберачите во мрак

– Стотици млади и возрасни берат тутун на зелените полиња секоја мугра и приквечер од јули до септември

Berbata e najmacna faza na tutunoproizvodstvotoВо лето “живнува” градот. Тутунот го “диктира” темпото на живот речиси на секое второ семејство. “Жолтото злато” ги буди тутунарите во “малите саати”. Иако е мрак, “вријат” улиците. Метеж од комбиња, автомобили, моторчиња  со приколки “натоварени” со аргати, кои итаат кон нивите на берење тутун. Полињата со тутун се сардисуваат. Со свиткани плеќи и раце кои ги “галат” ливчињата тутун, се нурнуваат во “плантажите” во потрага за “парче леб”. На ниви се ангажираат аргати – берачи за сатнина од сто денари.

 

 

Nade Mirceska– Со тутунов секогаш ми е мрак. На сабајле ми е темница, а кога ќе се враќам назад не ми се гледа пред очите од работата. Ден немам видено. Мака ми е што и детето иди на берење, се мачи, наместо да оди на друга работа. Треба да живееме, да јадеме, да платиме струја. И баба сум, па на внучето да му се даде нешто. Со социјално од 1000 денари и дете невработено, ме тера маката. Која “будала” инаку оди на тутун. Тешко е, ама мора да се работи – вели Наде Мирческа.

Тутунот стана “краста” за речиси секое второ семејство. “Сé им е погодено, немаат што да работаат, па одат на тутун”. Често вака се мајтапат аргатите. Иако е макотрпен, се “крстат” на “жолтото злато”, оти е егзистенција, единствено работно место. 

 

 

  

 

 

Lile Stojkova– Берењето тутун е мачно, напорно, но кога немаш, мораш. Те “брка” потребата од пари. Најмачно е станувањето во муграта пред петлите. Другото е навика. Цела сезона, од расади до пеглање на тутунот. Трета година ми е. И двапати во денот да одам на берење. Понапорно е и одвај се издржува. Со друштво се поминува. Сметките чекаат за плаќање. Но, три месеци се исплаќа, а другите месеци кај се?! – вели Лиле Стојкова.

“12 часот чукна, татко ми ме викна, стани, стани, ќерко да одиме на тутун, магарето е спремно, кошовите се тука…”. Бербата почнува со песна, но пред крај само кревет им се гледа. Аргатите раскажуваат дека “тајна на успех” е здравјето, брзината, фатот…

 

 

 

 

 

Blaga Stojkoska– Почнувам со “стани моме да заиграш”, а завршувам со “зошто си ме мајко родила”. Берам тутун од мала. Веќе 6-7 години кај други луѓе и по двапати дневно по 4-5 саати. Напорно е, ненаспан, неодморен како што треба, не се издржува. Но, со муабет, со смеа, врви времето. Берењето е “лудо и незаборавно”. Нужно е здравје и техника. Се трудам. Нема “кривини”, оти има норма. Битно е кај бериш. Има газди да си “страден” да запалиш цигара – раскажува Блага Стојкоска.

“Рипна” цената на аргатите. Од некогашните 50-60 денари од саат за берба, во последниве две години се плаќа дури и двојно повеќе од 100-120 денари.

– Надничар или аргат сум 15 години. Првин земав 250 денари, потоа “накачија” 300, а сега во последниве 2 години по 500 денари, односно 100 денари од саат. И сакаш – неќиш, бериш, се смешкаш и си “штракаш”, колку и да не ти е дојдено до смеење, оти инаку времето стои. Важно е колегите да ти се пријатели. Во друштво со непознати е “облачно” – вели Наде Мирческа. 

И младите се мачат да извадат парче леб. Стануваат в зори. Сакаат ноќен живот, ама лете го подзабораваат, освен пред празници кога не се работи.

Saso Mirceski– Без работа, нема пари. Тутунот е привлечен летен бизнис. Не е лесен ама не е и тешко ако се спореди со работа во конфекции, фурни. Поисплатливо е оти има пари на рака. Издржувам, бидејќи ми се потребни пари. Лани бев волонтер на болница на сабајле, а попладне на тутун. На болница за цел месец земав 4500, а тука задесетина дена земам 5000 денари. Наутро е мачно станувањето, а после па со сонцето тежи и жежи. Се скусуваат задоволства, не се гледаш со другари, со девојка, нема раат во ноќен клуб. Но, од ден за ден вреди, се исплаќа, а кога ќе излезеш, сé ќе потрошиш – вели Сашо Мирчески.

Тутунот бил и ќе остане летно секојдневие. 

Loading