ЛЕТОТО НА ЕЛЕНА (4)

Со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции објавуваме продолженија од новелата Летото на Елена од авторот Наташа Мирческа

natasa mirceskaСе обиде да го види автомобилот на Филип. Безуспешно. Се колебаше. Беше ужасно нервозна и преплашена. Несигурно се упати кон зградата. Имаше неверојатно големо движење на луѓе што до некаде и í одговараше. Како исплашена срна, прикрадувајќи се покрај забрзаните и очигледно “зафатени” намерници, Елена влезе во зградата. И да сакаше, не можеше да остане незабележана покрај своите многу сантиметри и атрактивна појава. Не обѕрнувајќи се на погледите кои ја пресретнуваа, отиде до лифтовите каде стоеше голема табла со поделба на работните одделенија. Одделот на Филип беше на 13. кат. Влезе во лифтот со една голема група луѓе. Не вадејќи ги очилата, претпазливо “фрли” поглед на 13. кат. Она што го виде, повторно í се допадна. Чувствуваше како срцето силно í бие. Толку многу ја посакуваше повторната средба со својот сопруг, а толку многу се плашеше. Бавно и несигурно тргна низ големиот хол, внимателно читајќи ги натписите на вратите од канцелариите. Кога го прочита Филиповото име на една од нив, крвта í застана во вените. Требаше само да чукне и да ја отвори вратата. Храброста ја напушти. Се обидуваше да изгледа колку што може понормално, барем за оние, кои минувајќи покрај неа, со симпатии учтиво, ја поздравуваа. Поминаа неколку минути, нејзе í се чинеше дека пред вратата стои цела вечност. Несигурно тропна на вратата. Немаше одговор. Полека, внимателно ја отвори вратата. Канцеларијата беше празна. Напнатоста попушти. Влезе и се потпре врз вратата, вдишувајќи длабоко. “Ова е веќе подобро… Барем ќе успеам да се приберам”, си помисли Елена. Стискајќи ги дланките, изброи до десет, бледо се насмевна и седна на кожната фотелја, прекрстувајќи ги долгите нозе. Во неа како да беснееше бура. Час беше смирена, час целосно загубена. Со грбот се сврти кон вратата, надевајќи се дека и кога ќе влезе Филип пред, да се сретне со неговиот поглед, ќе успее целосно да владее со себе и нема да дозволи да види колку е скршена. Вратата се отвори.

– Простете, мислев нема никој.

Елена зад себе слушна длабок машки глас. Импулсивно се сврти и остана без збор. Успеа одвај да климне со главата. Очигледно тоа не беше Филип, па од една страна многу í олесни, но човекот што стоеше пред неа едноставно ја маѓепса. Веројатно чувството беше обострано, зашто непознатиот како закован стоеше, нескриено, со големо задоволство гледајќи ја.

– Го чекам Филип, ова е неговата канцеларија? – успеа прва да се “собере” Елена.

– Да – одговори непознатиот неволно. – Вие… Ви треба службено…?

– Па, не баш. Да речеме приватно – одговори Елена, чудејќи се колку í годи неговиот поглед.

– Веројатно не ве очекувал денес – í рече, седнувајќи на бирото спроти неа. Можам ли да ви помогнам?

– Ќе ви бидам благодарна, ако успеете да го пронајдете.

– За жал, не. Филип денес е отсутен… приватно – í рече непознатиот, отворено гледајќи во неа.

На Елена како да í олесна. За час внатрешниот немир се претвори во пријатна опуштеност. Лесно се потпре на фотелјата, уживајќи во ситуацијата со која очигледно владееше. Несомнено, го вознемируваше соговорникот. Тоа í се допадна. И тој како да се олабави. Реакцијата на Елена веројатно го натера на помисла дека нејзината посета на Филип и не е така приватна.

– Простете за мојата неучтивост. Јас сум Виктор – í рече, подавајќи í ја својата рака.

– Елена – се претстави и таа, срамежливо насмевнувајќи му се.

Настана мала пауза.

– Па, би можела да си одам штом Филип не е тука – му се обрати Елена, при тоа не давајќи никаков знак дека тоа навистина го мисли.

– Ако имате време би уживал во вашето друштво уште малку. Може кафе?

– Ако вам не ви пречи, да, би сакала.

Виктор задоволно климна, се извини и отиде да донесе кафе. Елена ја искористи приликата да се погледне во огледалцето. Подочниците í се гледаа од авион, но одлучи да дознае повеќе за Филип од Виктор, па идејата да не му открие дека е негова жена, í се допадна. Виктор донесе кафе и сок.

– Благодарам, без шеќер – му се обрати, земајќи ја големата шолја кафе од неговите раце.

– И јас не сакам шеќер во кафето –  í рече. – Доаѓате првпат тука?

 – Зар се гледа на мене?

– Па…, да не беше овојпат прв, сигурно ќе сум ве забележил порано.

Елена се насмевна. Се обидуваше да постави прашање без соговорникот да открие дека сака да дознае нешто за Филип. Виктор како да í помогна.

– Се знаете одамна со Филип?

– Многу одамна.

Елена не умееше добро да лаже. Стана од фотелјата со шолјата кафе во рацете и застана пред една од трите уметнички слики во канцеларијата. Виктор не можеше да ги види нејзините очи, па посигурна во себе продолжи:

– Ние сме братучеди, блиски, но одамна не сме се виделе.

– Мора да ви признам дека ќе му се налутам што досега не ми кажал колку убава братучетка има. Обично ми раскажува за згодните пријателки – доста охрабрен сега Виктор го продолжи разговорот.

Елена како да ја прободе нож.

– Ги има многу? – го праша, трудејќи се да звучи незаинтересирано.

– Па, го знаеш Филип. Успева да улови и птичка во лет со својот шарм. Понекогаш ужасно му завидував, но гледам дека и не сум морал. Ниту една негова познаничка не била толку убава.

Елена се чувствуваше непријатно. Се плашеше да се сретне со неговиот поглед. Ü доаѓаше да заплаче. Телефонот во канцеларијата заѕвони, тоа í даде време да ги смири своите надојдени чувства и да се контролира повторно себе си. Се изненади кога сфати дека несвесно го гледа Виктор додека разговара на телефон. Вака друг маж, се разбира, освен Филип, досега не погледнала. Ü се допаѓаа неговите правилни црти на лицето. Веѓите му беа густи. Под нив како црни дијаманти сјаеја неговите малку закосени очи со ретко големи клепки. Усните полни и меки. Носеше летен костум под кој лесно се гледаше дека се кријат широки раменици. Ü се допаднаа и неговите раце. Изгледаа истовремено силни, машки, но и премногу нежни. Замижа како да сакаше да ги прекине своите мисли. Кога повторно ги отвори очите, директно ја гледаа Викторовите. Поцрвене.

– За жал, мора да го прекинам ова наше убаво дружење – разочарано í се обрати Виктор.

– И јас секако морам да одам. Ви благодарам за времето и кафето -му рече Елена станувајќи да замине.

– Има ли шанса нашава денешна средба да ја продолжиме? Би сакал повторно да Ве видам.

Елена изненадено го гледаше.

– Ќе ми дозволиш ли да те одведам на вечера? – беше претпазливо упорен Виктор.

– Па, можеби некој следенпат, благодарам – одвај изусти Елена уште веднаш, пишманејќи се зошто не ја прифати поканата. Му се насмевна и излезе брзо од канцеларијата.

(продолжува)

Loading