Томе Велјаноски од Шведска покрена иницијатива кулата за вода за парните локомотиви да се претвори во музеј. Тој испратил писмо до Министерството за култура за да се заштити овој објект од поблиската историја и да се адаптира во музеј на железницата. Службите од Министерството ја поздравиле идејата и го упатиле Велјаноски до Заводот и Музеј кој би конкурирал идната година. Неуморниот Велјаноски бил и во Заводот и музеј, од каде му било кажано дека конкурсот за 2015 година е завршен и неговата идеја ќе се планира за 2016 година.
Велјаноски смета дека објектот не би требало да се остави да го јади забот на времето. Уште помалку да се претвори во пералница за автомобили, туку да се реставрира и покрај него да се постави и старата парна локомотива што стои на еден од колосеците на железничката станица. Ако се облагороди местото и стручно да се реконструира кулата, покриените делови долу може да бидат галерија со експонати и слики од историјата на железницата и фотографии за развојот на железничката инфраструктура во Прилеп, почнувајќи од теснолинејката и другата стара железничка станица кај Старо Корзо. Кулата би можела да биде и панорамник или ресторан на високо, ако некој стопанственик сака највисокиот дел да го адаптира по модерни архитектонски решенија.
Инаку, кулата е градена од мајсторот со камен Трајан Колески од селото Марул. Служела за полнење вода на котлите на парните локомотиви. Функционирала до 1960 година, кога дошле локомотивите, кои влечеле вагони со мотор на течно гориво. Оттогаш е оставена и заборавена, дури е и изобличена.